Повлекување само на неопходните возила за кабинетот и министерот, договорија Чулев и Петровска

Повлекување само на возилата кои се нужно неопходни за кабинетот и министерот, без притоа да се наруши секојдневното работење на службениците договориле на денешната средба техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска.

Во МВР денеска работна средба најпрво одржале Чулев и Петровска, а потоа била одржана и работна средба во проширен состав, на која присуствуваа и заменикот министер Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и заменикот на директорот на БЈБ Бесир Деари.

Во врска со телеграмата за возилата, која Чулев ја испрати, на средбата е договорено дека доколку постои сомнение за несоодветно користење на службените возила, тоа треба да се утврди во соодветна постапка од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и дека ќе се повлечат само оние возила кои се нужно неопходни за кабинетот и министерот, без притоа да се наруши секојдневното работење на службениците.

Било констатирано и дека во меѓусебна координација помеѓу организациските единици да се направи соодветна распределба на возилата, водејќи сметка за кабинетите на министерот и дополнителниот заменски министер.

-Во однос на телеграмата со која се известуваат раководителите на организациските единици со која издадените наредбите престануваат да важат, заземен е заеднички став да се преземат активности од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност кои активности се во тек, а со кои во сите организациски единици каде има потреба да се распоредат работниците со решенија. Наредбите за извршување на итни, неодложни и специфични задачи да бидат согласно член 154 став 1, а во врска став 2 и став 4 од Законот за внатрешни работи во траење од најмногу 30 дена, се наведува во соопштението на МВР.

(МИА)