Сообраќајка кај СЦ „Борис Трајковски“: Повреден е мотоциклист (фото)

141
Архивска илустрација

Повреден е мотоциклист во сообраќајна несреќа што се случи во 11.45 часот, на раскрсницата на булеварите „8 Септември“ и „Илинден“, кај спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Во судирот учествувале „опел“ и мотоцикл, и двете возила со скопски регистарски таблички, информираат од СВР Скопје.

Повреден е мотоциклист, кој е пренесен во градската болница „8 Септември“.

Увидот на местото на несреќата се уште е во тек.

Втора ваква несреќа на истата крстосница во пет дена

Инаку во летниот период зачестен е бројот на сообраќајни несреќи што се случуваат на улиците во градот. На истата крстосница пред само неколку дена, имаше уште една слична сообраќајна несреќа.

Пред пет дена повреден е мотоциклист, во судар на мотоцикл и патничко моторно возило „Ситроен“.

Како што информираа од МВР, мотоциклистот тогаш беше пренесен во градската болница „8-ми септември“ и по укажаната лекарска помош бил пуштен на домашно лекување.

Да се ограничи брзината во градските средини

Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот (РСБСП) минатиот месец побара да се воведе максимална брзина од 50 километри на час во населени места наместо сегашните дозволени 60 километри на час, со цел намалување на бројот на жртви во сообраќајки во Македонија.

Ова е една од мерките во новата „Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2015-2020“, која беше промовирана минатиот месец во Скопје.

Целта на Националната стратегија е бројот на жртвите во сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали и да се приближи до просекот на бројот на жртвите на земјите на Европската Унија и бројот на жртвите – млади возачи да се намали за 30 отсто.

Вицепремиерот и претседател на Kоординативното тело за безбедност на сообраќајот на патиштата, Владимир Пешевски, истакна дека исполнувањето на поставената цел во наредните пет-шест години ќе ги спаси животите на 250 до 300 сограѓани, односно ќе има до 50 жртви на сообраќајот помалку на годишно ниво.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.