Повредени 33 лица за четири дена во сообраќајки во Скопје

Триесет и три лица се полесно повредени во 18 од вкупно 39 сообраќајни несреќи на територијата на град Скопје во изминатите четири дена.

Од евидентираните 12 сообраќајки во четвртокот, во пет полесно се повредени 11 лица, а четири незгоди се со материјална штета.

Во петокот, пак, се случиле осум сообраќајни незгоди, во четири полесно се повредени четири лица, а во четири е причинета материјална штета.

Во сабота евидентирани се девет сообраќајни незгоди, во четири се полесно повредени пет лица, а пет се со материјална штета.

Вчера од евидентираните 10 сообраќајни несреќи, во пет полесно се повредени 13 лица, а во пет е причинета материјална штета.

Сообраќајната полиција во изминатите четири дена санкционирала 137 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, 21 возач се исклучени од сообраќај за возење под дејство на алкохол, 12 возачи поминале на црвено светло на семафор, 95 возеле со истечена сообраќајна дозвола или без возачка дозвола. Затекнати биле 106 непрописно паркирани.

Санкционирани се и 13 пешаци кои поминале вон обележан пешачки премин, односно поминале на црвено светло на семафор за пешаци, како и 25 возачи на велосипеди со мотор, мопеди и мотоцикли кои за време на возењето на пат не го носеле заштитниот шлем на глава.

Со помош на  специјалното возило „пајак“ се отстранети 98 возила.

Во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Сообраќајна култура на децата во предучилишните установи“, Одделението за превенција денеска ќе реализира едукативни работилници со децата од средна и голема група во детската градинка „Буба Мара“ матичен објект кој се наоѓа на подрачјето на општина Аеродром.