Повторно ќе протестираат увозниците на половни автомобили поради високиот данок

Членовите на националното здружение на граѓани увозници на половни автомобили „Регулатив“ денес повторно ќе излезат на мирен протест пред зградата на Царинската управа за да го искажат своето незадоволство од законските измени кои стапија на сила од почетокот на оваа година.
Истите предвидуваат повисок данок за увозот на постари возила, а тоа за увозниците на половни автомобили и сопственици на плацови претставува удар по нивната дејност. Бараат да се намали сумата за царина или CО2 данок, бидејќи според нив, давачките се покачени тројно кај одредени возила. Бараат да се намали акцизата за постарите возила со еуро 5 и еуро 6 стандард и да се укине CО2 данокот за нив. Од таму сметаат дека нема да поевтинат ниту новите возила на сметка на употребуваните, односно дека ќе поевтинат само оние кои чинат над 31.000 евра и електричните.
Увозниците на половни автомобили и минатата недела излегоа на протест пред Царината, уплашени дека данокот ќе ги поскапи користените возила, а тие ќе останат без работа. Царинските власти ги викнаа на разговор, порачувајќи им да не наседнуваат на некои, како што ги нарекуваат, шпекулативни пресметки кои кружат низ јавноста.

Многу од увозниците имаат големи нејаснотии околу возилата кои се оцаринети пред почетокот на примената на новиот закон, и не знаат дали тие подлежат на дополнителен данок или не, а нејасна им е и состојбата со возилата кои се на пат за испорака во нашата земја. По состанокот што го имале со увозниците, царинските власти излегоа со соопштение, во кое признаваат дека има забелешки за законот кој стапи на сила од први јануари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.