Хеленик петролеум ЕЛПЕ, грчката влада и официјални лица од Р. Македонија започнаа разговори со цел повторно отворање на нафтовод, кој ја поврзува рафинеријата на Солун на ЕЛПЕ со рафинеријата на компанијата Окта, преку вонсудска спогодба до крајот на годината, објави energypress.eu.
Ова прашање било дискутирано на вчерашниот состанок во Солун, одржан на маргините на посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео.
На состанокот, претставниците на ЕЛПЕ и на владата на Р. Македонија покажале иницијатива за постигнување вонсудска спогодба.
Грчката нафтена група бара компензација од 32 милиони долари за прекршување на договорните обврски од страна на Р.Македонија во врска со минималните износи на набавка во периодот од 2008 до 2011 година.
ЕЛПЕ веќе има добиено постар предмет, за истото прашање, на Меѓународниот арбитражен суд во Париз за надоместок вреден 52 милиони долари. Оваа пресуда беше донесена во 2007 година, три години по поднесувањето на случајот.
Грчката и македонската страна, охрабрени од САД, се согласија да формираат комитет за работа, до средината на октомври, за да се пронајде решение што може да овозможи нафтоводот повторно да се отвори по седумгодишен прекин.
Официјалните лица утврдиле краен рок за повторно отворање на гасоводот до крајот на годината.
Употребата на гасоводот наместо танкери за нафта ќе понуди драстично намалување на трошоците за транспорт.
ЕЛПЕ е веќе присутна во Србија и Црна Гора и сега е насочена кон пазарите на Албанија и Косово за набавка на готови нафтени производи.
Нафтоводот престана да работи во 2013 година откако ЕЛПЕ донесе одлука дека нејзините активности околу рафинеријата Окта не се веќе изводливи. Гасоводот од 213 километри има капацитет од 350.000 метрички тони.
До 2013 година, гасоводот се користеше за трансфер на сурова нафта од рафинеријата на Солун на ЕЛПЕ до единицата Окта во Скопје.