Повторно гори дивата депонија во Тетово

Пожар на дива депонија над тетовската населба Дреновец во раните попладневни часови денеска беше причина за појава на голем црн чад, што ги вознемири жителите на градот, пренесува Телма.

Од Тетовската територијална противпожарна единица информираат дека пожарот е на дива депонија, каде гореле гуми и сличен вид отпадоци од кои се создал црниот и густ чад.

„Пожарот на дива депонија над Дреновец на пат за село Ѓермо беше пријавен после пладне во 13 часот. Огнот беше локализиран во 14 часот и 30 минути. Појавата на голем црн чад беше поради тоа што гореа фрлени стари гуми од возила и друг вид отпад“, изјави Ука Алити, командант на тетовските пожарникари.

Интервенирале тројца пожарникари со едно специјално возило камион со цистерна.