Повторно пад на цените на нафтата

По вчерашното опоравување, цените на нафтата повторно паднаа, а азиските берзи влегоа во „црвено“, бидејќи инвеститорите се сомневаат дека ќе се постигне нафтен договор меѓу Саудиска Арабија и Русија, како што најави американскиот претседател Доналд Трамп.

Американската нафта WTI падна за 1,14 долари или 4,5 отсто на 24,18 долари за барел на азиското тргување, по што вчера скокна за рекордни 24,7 проценти.

Цената на фјучерси на северноморската нафта „брент“ падна за 0,70 долари или 2,67 отсто на 29,24 долари..

Поради пандемијата на коронавирус, што го зголемува ризикот од продолжен глобален економски пад, инвеститорите продолжија да бараат сигурност во американскиот долар и државните обврзници.

Трамп претходно изјави дека разговарал со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и дека очекува Саудиска Арабија и Русија да го намалат производството на нафта за дури 10 до 15 милиони барели, бидејќи и двете земји изразија подготвеност да се договорат.

Саудиска Арабија најави дека ќе свика итен состанок на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), јавуваат саудиските државни медиуми.

Количината на намалување на испумпување на нафта за која зборуваше Трамп, би претставувала невидено кратење, што е еквивалентно на 10 до 15 проценти од глобалното снабдување, доколку мислел на дневно производство, што е вообичаена мерна единица. Сепак, американскиот претседател не прецизираше дали станува збор за дневно производство, а некои аналитичари веруваат дека тој можеби намерно го изоставил.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.