Повторно се слуша хитот на „Металика“ од 1986 година „Мастер од папетс“, заради серијата на „Нетфликс“ (ВИДЕО)

Финалето на четвртата сезона на хит серијата на „Нетфликс“ „Stranger Things“ катапултираше уште една музичка класика на врвот на топ листите, исто како што беше минатиот месец со песната „Running Up That Hill“ на пејачката Кејт Буш.

Во последната епизода од оваа сезона, Еди Мансон, додека се обидува да се бори со главниот негативец на сезоната, демонот по име Векна, на покривот ја свири „Master of Puppets“, класика на легендарниот бенд „Металика“ во импресивна аудиовизуелна сцена.

На социјалните мрежи беше наречена една од најдобрите сцени од целата серија, бидејќи многу гледачи беа воодушевени кога видоа дека хеви металот ги добива своите 15 секунди слава.

Кога песната беше објавена во 1986 година на истоимениот легендарен албум, таа го достигна 29-тото место на Билборд топ-листата, а сега, благодарение на хит-серијата на „Нетфликс“, е на 26-то место на глобалната топ 50 листа на Спотифај.

„Master Of Puppets“ беше издаден на 24 февруари 1986 година и беше првиот албум на „Металика“ по потпишувањето со големата издавачка куќа „Електра рекордс“, а оттогаш е продаден во над шест милиони примероци во САД. Тоа е, исто така, последниот албум на кој се појавува басистот Клиф Бартон, кој почина подоцна истата година во несреќа на автобусот на турнејата.

Многу обожаватели сметаат дека тоа е најдобриот албум на „Металика“, што и бендот го призна така што го отсвиреа во целост на нивната европска турнеја во 2006 година. Во 2016 година, „Master Of Puppets“ беше меѓу албумите избрани за вклучување во Националниот регистар на снимки на библиотеката на Конгресот.

Членовите на бендот најверојатно ќе заработат добри пари од вклучувањето на песната во финалето на серијата „Stranger Things“. Имено, Кејт Буш од почетокот на четвртата сезона на серијата на „Нетфликс“ заработила повеќе од 2 милиони долари.

Постигнувајќи сосема ново ниво на популарност по појавувањето во серијата, „Running Up That Hill“ собори три светски рекорди, достигнувајќи го врвот на официјалната скала за синглови во Велика Британија за првпат по повеќе од 30 години.

ФОТО: Јутјуб