Пожари се шират на десет различни локации

На територијата на државава активни се десет пожари. Центарот за управување со кризи информира дека во скопско гори шума во атарот на Љуботенски Бачила, и се бара да се ангажираат авионите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Во кумановскиот регион гори нискостеблеста дабова шума во атарот на с.Живиње и с.Сушица, а во струмичкиот регион пожар има во атарите на селата Свидовица и Куклиш каде гори мешана шума, нискостеблеста дабова шума и габер на површина од околу 5 хектари.

Пожар се шири и во атарот на село Рамне во општина Македонски брод каде гори ниска деградирана шума и смрека. Во велешкиот регион во општина Чашка има два активни пожари и тоа: во атарот на с.Црешнево каде интервенираат од шумското стоапнство Бабуна и ЈКП Тополка – Чашка и во атарот на с.Мокрени.

Во општина Кочани, пожарот кај с.Пресека (близу манастирот) сеуште е активен и опожарена е борова шума. Од Центарот за управување со кризи информираа дека во гаснењето на огнот се вклучени припадниците од шумското стопанство Осогово – Кочани, од Шумска полиција и ТППЕ Кочани.

Во општина Берово, пожарот кај с.Владимирово каде гори папрат и дабова шума е се уште активен. Интервенираат од ШС Малешево, месно население и од шумската полиција.

Пожарот кај тетовско Седларево е локализиран.

Од Владата преку соопштение информираа дека сиte институциите редовно ги следат сите локации низ земјава со цел да се превенираат предизвикани пожари и напоменуваат дека сите лица кои ќе се затекнат како палат оган на отворен простори кои предизвикуваат пожари поради палење на стрништа, ќе подлежат на законски санкции.

Од таму исто така упатија апел до граѓаните да внимаваат кога се на отворени места или при работни активности во шумите и други локации кои се со обрасната или необрасната шума. Поради опасноста од пожари, не треба да се палат стрништа или оган на отворен простор на необезбедени места, да не се пали отпад и друг запалив материјал и да не се фрлаат остатоци од цигари на отворен простор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.