Пожарот во кавадаречко им се заканува на првите куќи, ДСЗ предупредува на зголемена опасност од пожари

Пожарот кај кавадаречкото село Фариш зафати и лозја, а пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Кавадарци вршат максимални напори штетите да бидат што е можно помали.

Александар Чадамов, командир на единицата, за МИА истакна дека пламените јазици во Росоман веќе стигнале до гробиштата и црквата, а се наближуваат и до првите куќи.

Имено, попладнево во Кавадарци избувнаа четири пожари.

Истовремено, согласно со Законот за заштита и спасување и Законот за шумите, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС)  алармира за зголемената опасност од пожари на отворен простор.

Поради зголемените температури и настапувањето на сушниот период е зголемена опасноста од појава на пожари на отворен простор и ваквата состојба наложува итна мобилност на сите субјекти во заштитата од пожари – ЈП Македонски шуми, единиците на локална самоуправа, територијалните противпожарни единици, УХМР. За таа цел ДЗС ги посочува следните предупредувања до сите субјекти да постапуваат согласно надлежностите од член 34 и 35 од Законот за заштита и спасување, соопшти ДЗС.

Апелираат градоначалниците активно да се вклучат со персонална и материјална помош во гаснењето на шумските пожари по барање на ТППЕ и ЈП Македонски шуми, доколку со ангажираните персонални и материјални ресурси нема можност да го локализират појавениот пожар.

Дирекцијата за заштита и спасување во континуитет, по 24 часа, е активна на терен со сите свои човечки и материјално-технички ресурси, вклучувајќи ги воздухопловите на Одделението за специјализирани услуги со воздухоплови при ДЗС, наведува Дирекцијата за заштита и спасување.