Пожар на полигон за уништување експлозиви крај Берлин

Во Берлин во четвртокот утрото избувнал пожар по неколку експлозии на полициски полигон за уништување и складирање експлозивни направи, кој се проширил на околната шума Груневалд југозападно од германската престолнина.

„Пожарот се прошири на површина од еден и пол хектар. И натаму не е под контрола“, изјавил портпаролот на берлинската противпожарна служба и додал дека гаснењето на пожарот спречува натамошни експлозии предизвикани од пожарот.

Противпожарната служба соопшти за големи метални предмети кои паѓаат по околната шума по секоја експлозија. Засега не е познато што утрото ја предизвикало првата експлозија на полигонот..

Полицијата на истото подрачје среде шумата Груневалд на југозападот од Берлин ги складира и уништува експлозивните направи и пиротехнички средства. Тамо се уништуваат и муницијата и бомбите заостанати од сојузничкото бомбардирање на Германија кон крајот од Втората светска војна кои често се наоѓаат и во околината на Берлин при изведување градежни зафати.

„Ситуацијата е непредвидлива, пожарот и натаму не е под контрола и затоа ги предупредуваме граѓаните да го избегнуваат ова подрачје“, соопшти противпожарната служба на Берлин.

Берлинскиот Сенат, кој всушност е влада на градот-сојузната покраина Берлин, изрази загриженост поради пожарот кој поради долготрајната суша и сувата вегетација би можело брзо да се прошири. Последните денови во Берлин и околината се забележани невообичаено високи температури, а за четвртокот беа најавени и 38 Целзиусови степени.

Портпаролот на Сенатот на новинарско прашање колку воопшто е разумно да се одржува полигон за уништување експлозивни средства среде шума, одговорил дека со тоа прашање ќе се занимаваат „откако пожарот ќе биде изгаснат“.

Поради пожарот прекинати се железничкиот и патниот сообраќај на важните сообраќајници од југозападот кон центарот на Берлин.