Пожар над манастирот во село Селце – евакуирани 500 деца на екскурзија

51

Големиот пожар кој му се закануваше на манастирот Свети Димитриј кај селото селце во Прилеп и кој стигна на само 50-тина метри од црквата и конаците е ставен под контрола и локализиран. Но се уште гори огромен дел на Селечка Планина, а во голема опасност да изгори е единствениот активен планинарски дом во прилепско т.н. „Томов дом“ и неколку други помали планинарски објекти за одмор. Во моментов пожарот го гаснат пожарникарите од ТППЕ Прилеп, 100-тина вработени во јавните претпријатија во градот, како и голем број доброволци од Прилеп. Исто така огнот се гаси и со 2 авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Од надлежните институции упатуваат апел до сите граѓани кои можат да дојдат на Селечка планина и доброволно да помогнат во гаснењето на пожарот, пренесува Сител.

„Се јавивме во Дирекцијата за заштита и спасување исто така се јавивме директно кај министерот за МВР, Оливер Спасовски, каде што ни одговорија дека за многу брзо време ќе добиеме воздушна поддршка, тоа и се случи. Околу 80-тина пешадијци од ТППЕ Прилеп, Јавните претпријатија и граѓани доброволци се упатени кон гаснење на пожарот“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Инаку пожарот започнал во моментот кога кај манастирот се наоѓале околу 500 ученици од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп кои таму биле на еднодневна екскурзија. Наставниците веднаш го пријавиле пожарот во ТППЕ Прилеп и полека започнале со безбедно заминување на сите ученици од местото на пожарот.

-Со околу 500 ученици од основното училиште „Климент Охридски“ бевме на еднодневна рекреативна екскурзија во Манастирот. Кај 12:15 часот забележавме  пожар на потегот помеѓу селото Селце и манастирот. Во 12:22 часот забечежавме пожар и ја алармиравме противпожарната единица. Децата беа на безбедно во манастирот. Имавме план како безбедно да ги извлечеме и во колони, пешки веднаш ги упативме спрема градот. Пожарот за 10-ина минути експресно се прошири до манастирот и ја зафати боровата шума, објаснува Сребреноски.

Веднаш на помош на пожарникарите им пристигнале жители на селото Селце и вработени во околните работилници, а потоа и вработени во јавните претпријатија и прилепчани кои постојано пристигнувале и нуделе во гаснењето на пожарот.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој веднаш пристигнал во манастирот „Свети Димитрија“, за пожарот веднаш се реагирало и се побарало авионска поддршка во гаснењето преку Дирекцијата за спасување и Министерството за внатрешни работи. Околу 14:30 часот двата авиона се вклучиле во гаснењето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.