Пожар во кафуле во Русија, најмалку 13 лица загинаа, a петмина се повредени

Најмалку тринаесет лица загинаа во пожар што избувна во кафуле во Русија во градот Кострома, на околу 300 километри од Москва, соопштија денеска локалните власти. Локални медиуми јавуваат за 15 загинати.

– Според првите информации, во пожарот има 13 жртви, изјави гувернерот на регионот Сергеј Ситников преку социјалната мрежа Телеграм.

Тој додаде дека пет лица се повредени.

Пожарот избувнал синоќа во кафулето „Полигон“ и бил изгаснат рано утринава, изјави гувернерот.

Според итните служби, пожарот се проширил на површина од 3.500 метри квадратни.

Локалните медиуми известуваат дека 250 лица биле евакуирани од зградата каде што избувнал пожарот.