Пожар во Тетово изгаснат, пожарникарите ги евакуираа станарите

Во пожарот кој изби во седумкатница повредени се десеттемина лица, меѓу нив и двајца пожарникари. Во акцијата за спасување на жителите на зградата во тетовскиот блок 70 биле ангажирани и градежни кранови, јави Канал 5.

Според телевизија, со кранови, дигалки и корпи на противпожарни возила и градежна механизација на драматичен начин беа спасувани жителите на седумкатната зграда број 14 во тетовската населба блок 70 откако нешто пред 14 часот во подрумот избувнал пожар.

Густиот чад многу брзо започнал да се шири низ влезот така што голем број од станарите меѓу кои имало и неподвижни и стари лица, бебиња и деца останале блокирани во становите на погорните катови. Со крајни напори на пожарникарите беа извлечени неколку деца и бебиња иако извлекувањето на другите станари продолжи до доцна попладне.

Оние кои успеваа да поминат низ чадот со возила на прва помош беа префрлани во тетовската болница и според првичните информации од медицинските лица засега нема станари кои се во животна опасност.  Канал 5 јави дека меѓу оние кои имале последици од густиот чад според неофицијални информации има и двајца пожарникари додека за  бројот  на лицата кои побарале помош поради потешкотии со дишењето од чадот никој не можеше да даде точна информација бидејќи болничките возила постојано одеа до местото на пожарот и се враќаа назад.

Од полиција велат дека засега не се знае причината за избувнувањето на пожарот.