Пожари во Албанија, Мета бара итни мерки од надлежните

22

Повеќе пожари беснеат на територијата на Албанија, а по големина и опасноста што ја носат е оној кај Тепелена и кај познатото одморалиште Шенѓин, каде пожарот се прближува до куќите, јави дописничката на МИА од Тирана.

И двата пожара се во планински непристапен терен, поради што гасењето е можно само со хеликоптери.

Во Тепелена дополнителен проблем се неактивирани бомби од Втората светска војна и целата операција на гасење на пожарот е од највисок можен ризик. Во моментов гори трева и нискостеблеста шума, а локалното население ги информирало властите за најмалку две детонации, кои биле мошне силни.

Во Шенѓин, пак, дополнителен проблем е силниот ветер така што пламените јазици се шират брзо во боровата шума, која се извишува над комплексот хотели, а ги има зафатено градските гробишта и се приближува до куќите.

– Силниот ветер предизвика пожарот да напредува над Шенѓин, ги зафати јавните гробишта. Во една област пламените јазици се приближија кон објектите и ние побаравме евакуација на жителите. Пожарникари, војници, вработени во шумското стопанство максимално се ангажрани да го спречат пламенот да напредува кон објектите. Невозможно е да се интервенира поради теренот. Побаравме помош од Дирекцијата да испрати хеликоптери, изјави префектот на околијата Лежа, Ѓок Јаку за телевизијата Ора њуз.

Претседателот Илир Мета рече дека со голема загриженост ја следи состојбата предизвикана од масовното ширење на пожарите во некои региони од земјата, особено во префектурите Ѓирокастро и Лежа.

Тој побара од вооружените сили, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита спасување и Агенцијата за справување со кризи, како и првите луѓе на локалната самоуправа во овие области, да преземат итни мерки, да ги неутрализираат пожарите и да „бидат блиску до граѓаните кои можат да бидат изложени на ризик од масовното ширење на пожарите“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.