Пожарите во Европа веќе проголтаа повеќе шуми отколку во цела 2021

Европа годинава би можела да има повеќе изгорени површини отколку во 2017 година, најлошата година досега, кога речиси милион хектари беа уништени во шумски пожари. Топлотниот бран е опасен и овие пожари се јасно поврзани со климатските промени, велат експертите (ЕПА).

Во шумските пожари кои почнаа да беснеат во Европа во последните неколку недели, веќе е изгорена поголема површина отколку во пожарите во целата 2021 година, објави Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS). Во 2022 година изгореа нешто повеќе од 20.000 хектари, во споредба со 6.000 во цела 2021 година.

Ширум Европската унија, пожарите изгореа 517.881 хектари оваа година – нешто повеќе од 5.000 квадратни километри, што е еднакво на површината на Тринидад и Тобаго, објави службата за сателитски мониторинг на ЕУ.

Во текот на 2021 година, 470.359 хектари шуми беа уништени од пожари, главно во Италија и Грција, пренесува Хина, повикувајќи се на АФП.

Во 2022 година беснеат пожари во Франција, Шпанија, Португалија и Грција среде рекорден топлотен бран, за време на кој и Велика Британија се бори со пожарите, каде температурите за првпат во историјата надминаа 40 степени.
ЕФИС рече дека Европа може да ја заврши 2022 година со повеќе изгорени површини од 2017 година, најлошата година во историјата, кога речиси милион хектари беа уништени од шумски пожари.

„Ситуацијата е многу полоша од очекуваното, иако очекувавме температурни аномалии во нашите долгорочни прогнози“, рече Хесус Сан Мигел, координатор на EFFIS.

„Очекуваме да биде уште полошо – не сме ни на половина пат од сезоната на пожари“, нагласи Сан Мигел.

Речиси 40.000 хектари шума во Франција беа изгубени во пожарите годинава, додека 30.000 хектари изгореа во цела минатата година.
Во Шпанија – каде што повеќе од 500 луѓе загинаа за време на 10-дневниот топлотен бран овој месец – оваа година изгореа 190.000 хектари, наспроти 85.000 минатата година.

Со повисоките температури предизвикани од глобалното затоплување, годинава беа зафатени и местата кои се помалку навикнати на шумски пожари, особено Велика Британија.

„На крајот на краиштата, пожарите се предизвикани од луѓе, но топлотниот бран е опасен и овие пожари се јасно поврзани со климатските промени“, рече Сан Мигел.