Пожарот кај ГП „Богородица“ ставен под контрола, преминот e отворен за сообраќај

Пожарот што попладнево избувна во граничниот појас меѓу месноста Милци и граничниот премин Богородица е локализиран и ставен под контрола од пожарникарите од Гевгелија и вработени во ЈП „Комуналец“, кои со помош од воени хеликоптери успеаја да ги скротат пламените јазици и да ги спасат од поголема опасност објектите на потегот кон ГП „Богородица“.

Поради активноста и дејството на пожарникарите од електрична енергија беше исклучен објектот на ГП „Богородица“ и преминот времено беше затворен за сообраќај заради безбедност на патниците и за да се овозможи простор за дејство на пожарникарите, откако пожарот се доближи до објектот на граничната караула на АРМ, до казиното „Фламинго“ и до бензинската пумпа „Шимов“, што беше и најопасниот и најкритичниот момент од денешниот пожар во пограничниот појас на гевгелиско.

Сообраќајот на ГП „Богородица“ беше во прекин два часа, но откако екипите на ЕВН ја приклучија на електрична енергија почна да работи.

Претходно возилата се пренасочува на граничниот премин „Дојран“.