Пожарот кај Велес дојде до автпатот, четири лица се приведени

Пожарот што избувна во близина на Велешкото езеро Младост се симна до автопатот Скопје – Велес. Сообраќајот се пренасочува по регионалниот пат езеро Младост кон Велес, соопштија од АМСМ.

Силниот ветер го прошири пожарот на голема површина, кон два правца, кон велешкото езеро и кон селото Отовица, каде во опасност биле првите куќи, односно оние што се блиску до железничката пруга. Пожарникарите успеале првично да го локализираат пожарот, но истиот брзо се проширил поради ветрот.

Во гасењето ангажирани се 50 вработени од армијата, еден армиски хеликоптер и два авиони од дирекцијата за заштита и спасување. Исто така, на помош се пратени и пожарникари од неготино и кавадарци. Општина Велес апелира граѓаните да не се движат во близина на опожарените појаси околу езерото.

Четири лица се приведени во полициската станица во Велес со сомнеж дека го предизвикале пожарот, објави порталот Дума. Приведените со брусалица работеле во блзина на боровата шума, на крстосницата за Башино село и патот кон езеро Младост.

Изгоре шумскиот насад, нискостеблестите растенија и сувата трева на Младост. Пожарот во еден момент, го опколи од горната страна и новоизградениот хотел Глориус. За среќа хотелот не изгоре. Добрата организација на жителите на Отовица, кои со механизација ископаа ров, ги спаси од огнот првите куќи во селото.