Пожарот од Свети Николе се шири кон Штип

Пожарот од атарот на светиниколското Богословец е проширен кон штипското село Доброшани, во коешто има стари куќи. Командирот на смена во Територијалната Противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Пане Тимов за МИА вели дека пожарот е активен и со него се справуваат 10 пожарникари, но и голем број на  војници, доброволци и вработени во државните и локланите комунални претпријатија.  Побарано е да интервенираат и хеликоптерите од воздух.

Пожарот е активен од вчера во текот на попладневните часови, кога и почна да се шири во близина на селото Богословец, по што се насочи кон високиот рид и се спушти од друга страна на штипска територија.  Во него горе сува треба, површини со млада борова шума.  Тимов вели дека во моментов имаат дојава и за пожар кај депонијата Трештена Скала, која е одалечена од градот над 10 километри.

Во моментов градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов има состанок со Штабот за заштита и спасување на Општина Штип.