Двајца вооружени мотоциклисти го застрелаа познатиот грчки новинар Џорџ Караиваз, кој истражуваше криминал, соопшти полицијата, додавајќи дека тој бил убиен во близина на својот дом во Атина.
Новинарот на приватната телевизија СТАР ТВ ѝ беше добро познат на грчката јавност по известувањето за криминалот.
Владината портпаролка Аристотелија Пелони рече дека убиството ги шокирало сите.
Властите веќе почнаа истрага, рече таа.
Полицијата соопшти дека Караиваз бил застрелан од двајца мотоциклисти, кои испукале повеќе куршуми во близина на неговиот дом во Алимос во јужна Атина. На местото на настанот се пронајдени дванаесет патрони.
Иако мотивите за пукањето сè уште не се познати, полицијата потврди дека убиството очигледно било внимателно испланирано.
Ова е професионално убиство, изјави полициски службеник.
Ладнокрвното убиство на новинарот Јоргос Карајваз го шокираше целото општество.
Се сретнав со министерот за цивилна заштита Михалис Хрисохоидис за да побарам брзо расчистување на случајот. Ме увери дека грчката полиција вложува максимални напори да ги пронајде виновниците, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на социјалните мрежи по средбата со надлежниот министер, јави дописничката на МИА од Атина.
Средбата на Мицотакис со Хрисохоидис е по вчерашното убиство на 52-годишниот грчки новинар, кој кусо по 14 часот беше застрелан пред неговиот дом од две лица, кои откако испукале најмалку десет куршуми, со мотор побегнале во непознат правец.
Грчката новинска агенција АНА-МПА пишува дека новинарот имал десет повреди на телото и главата, а во текот на денот ќе се изврши и обдукција на телото, за да се одреди со колку куршуми бил застрелан.
Карајваз беше познат и искусен новинар, кој долги години следеше црна хроника и покриваше теми поврзани со полицијата, за истите теми имаше информативен портал, а паралелно работеше во претпладневна емисија на телевизијата „Стар“.
За убиството на новинарот, преку Твитер, синоќа реагираше и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, која рече дека е одвратен и кукавички чин, истакна дека новинарите мора да можат безбедно да работат и изрази надеж дека криминалците набргу ќе бидат изведени пред лицето на правдата.