14.8 C
Skopje
петок, март 29, 2024

Познат кинески уметник сними филм за Вухан , на властите нема да им се допадне

По долгогодишен престој во Берлин, кинескиот уметник Аи Веивеи сега живее во Кембриџ, Велика Британија.

Но, заплетот на неговиот нов филм “Коронација” се одвива во Вухан, Кина за време на избувнувањето на пандемијата на коронавирус и блокадата на градот.

Филмот е снимен од самите жители на Вухан. Материјалот покажува колку жестоко и брутално кинеската држава изврши блокада и карантин во градот, што траеше до крајот на април. Но, материјалот ја покажува и ефективноста на блокадата во борбата против ширењето на пандемијата.

Во писменото ексклузивно интервју за Дојче веле, Аи Веивеи сведочеше за снимањето на филмот, како и за последиците од пандемијата ппо општеството.

ДВ: Која беше вашата мотивација за снимање на овој филм?

Аи Веивеи: Како и за многу од моите активности, мотивацијата за работа на „Коронација“ беше обид за подлабоко разгледување на нов и непознат настан.Тоа го сторив по земјотресот во Сечуан во 2008 година и по бегалската криза во 2015 година. Да се разбере од прва рака и да се доживее како тие реагираат на коронавирусот. Под такви драматични услови можеме подобро да разбереме како делува политиката, но исто така и хуманоста на едно општество.

-Кој е најголемиот предизвик кога снимате филм ако не сте на лице место?

Со денешната технологија е можно да се снима филм од далечина. Најголемиот предизвик за режисерот е изнаоѓање концепт при пристапување кон некоја тема.

Филмот прикажува млади, медицински сестри и лекари и други членови на медицинската индустрија кои се транспортираат во Вухан во рок од неколку дена. Кина е веројатно единствената земја што може да постигне вакво нешто со таква брзина и жар. Филмот покажува како државата ја создаде инфраструктурата, вклучително и полските болници и како го снабдуваше „бојното поле“ со потребната опрема. Овие детали ме изненадија, но истовремено и дадоа увид во однесувањето на луѓето под контрола на авторитарниот режим.

Филмот исто така покажува како еден градежен работник, кој пристигнал во Вухан за да помогне во воспоставувањето кризна инфраструктура, е спречен да го напушти градот. Тој се обидува да се пробие низ разни бирократски пречки од пропорциите на Кафка. Подоцна, за жал, дознаваме дека Менг Лианг успеа да излезе од Вухан и да стигне до семејството, но дека се обесил поради финансиските проблеми што му ги наметнале. Трагична и банална приказна за животот во овие времиња.

Како постигнавте безбедност за луѓето што снимаа за вас во Вухан?

,,Не можам да гарантирам ничија безбедност. Давав упатства на дневна основа, но секој имаше избор да снима на начин на кој сметаа дека е безбеден. На сите им беше укажана потребната медицинска нега и беа запознаени со потребните медицински протоколи. И покрај ова, тоа беше многу опасно за снимателите. Затоа, ги замоливме да ни испраќаат материјал на Интернет секој ден за да го заштитиме. Повеќето од снимателите се аматери кои за прв пат работеле на еден филм.

-Честопати сте ја критикувале Кина за нејзините строги политики. Со што во моментов најмногу негодувате за официјалниот Пекинг?

,,Како авторитарна држава, Кина ја надмина таква предизвикувачка ситуација како пандемијата многу ефикасно. Во исто време, Пекинг ги стави под силен притисок човековите права, правата на поединецот, приватната сфера и личната волја на поединците.Всушност, Кина ги присвои сите индивидуални права и со тоа ја зајакна својата моќ. Ова е всушност основниот карактер на брзиот развој на оваа нација и во последните 30 години работи добро.

Во исто време, Кина создаде општество во кое нема доверба, владејачката партија никогаш не ја добила потврдата на својот народ на изборите, туку ја добила својата легитимност од полициските сили, жестоката пропаганда и ограничувањето на информациите. Кинеската држава и населението не си веруваат едни на други, но државата мора да биде сослушана затоа што ја има контролата во своите раце што ја спроведува преку закони и средства за присила, вели кинескиот уметник во интервјуто за Дојче Веле..

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.