Позната сумата одземена во вооружениот грабеж на НЛБ Банка во Чаир

Најмалку 150.000 евра се одземени во текот на вооружениот грабеж кој во понеделникот утрото го изведоа четири засега неидентификувани лица во експозирутата на НЛБ Банка во скопската населба Бутел 2, се дознава во вторникот од банката и од Министерството за внатрешни работи.

„По вчерашниот вооружен грабеж што се случи во 10.36 минути во експозитурата на НЛБ Банка во општина Чаир, би сакале да ве информираме дека клиентите и вработените на Банката се безбедни и во добра состојба“, велат од НЛБ Банка АД Скопје.

Двајцата вработени во експозитурата кои беа полесно повредени се пуштени на домашно лекување, а дополнително работникот на обезбедување кој, исто така, беше повреден при грабежот по укажаната лекарска помош се чувствува добро и е пуштен на домашно лекување.

Ограбената експозитурата во Чаир не работи во моментов и ќе продолжи тековно да ги опслужува клиентите од среда , 17.4.2019 година, информираа од НЛБ.

„Со истрагата е утврдено дека при грабежот се одземени 150.000 евра. Банката продолжува да работи редовно и да соработува со надлежните органи за најбрзо и ефикасно решавање на случајот“, се истакнува во соопштението за јавноста.