Познати имињата за функционери од Алтернатива – Беким Сали министер за здравство

116

На централно претседателство на партијата Алтернатива што се одржа синоќа,  партијата ги утврдила нивните предлози за носители на јавни функции.

За потпретседател на Собранието ќе биде предложен Хисни Исмаили, за министер за здравство Беким Сали, за министер за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и за министер без ресор одговорен за дијаспората Џемаил Чупи. За заменик-министер за образование и наука е предложен Лулзим Алиу, а заменик-директор за култура Даим Лучи.

На Централното претседателство се утврдени и имињата на неколку директорски позиции. За директор на МЕПСО е предложен Орхан Муртезани, за директор на Клиничката болница во Тетово, Амир Елези, директор на ПИОМ, Дритан Беџети, директор во АД „Железници на Македонија – Транспорт“, Мубекир Палоши, за директор на Управата за водење матични книги Блерим Абази и за директор на Агенцијата за странски инвестиции е предложен Беким Емини.

„На седницата беа избрани и носителите на некои други јавни институции, кои ќе бидат објавени деновиве“, информираат од „Алтернатива“.

Алтернатива е нов владин коалициски партнер откако лидерот на таа партија Африм Гаши тоа го договори со премиерот во заминување и поранешен претседател на СДСМ Зоран Заев додека се уште раководеше со владејачката партија. Сега се очекува новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски, кој е најавен дека ќе биде и нов мандатар, да предложи до Собранието нов владин состав, а Заев и официјално да се повлече од позицијата прв човек на владата.

Алтернатива има четворица пратеници и со нивното влегување владиното мнозинство ќе има 64 пратеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.