Познатиот германски неонацист Хорст Малер излезе од затвор

Осудениот неонацист, негатор на холокаустот и еден од основачите и подоцна адвокатите на екстремната левичарска Фракција на Црвените бригади (RAF), Хорст Малер, излезе од затворот во вторникот по отслужување на десетгодишната затворска казна, соопшти управата на затворот во Бранденбург близу Берлин.

Сега 84-годишниот Малер во 2009 година беше осуден на затворска казна поради ширење национална омраза.

Малер е припадник на првата генерација на екстремно левата Фракција на Црвените бригади, која ја основа со терористите Андреас Бадер и Урлике Мајнхоф. Претходно Малер беше профилиран како адвокат на припадниците на радикално левите политички групации, кои се судрија со законот во седумдесетите и осумдесеттите години од минатиот век.

На почетокот од 1970-те беше осуден на 14 години затвор поради грабеж на банка. Малер тогаш пред судот го бранеа подоцнежниот социјалдемократски политичар и министер за внатрешни работи во кабинетот на канцеларот Герхард Шредер, Ото Георг Шили, и подоцнежниот политичар од Зелените, Ханс-Кристијан Штробеле.

Малер, кој од 1955 до 1960 година бил припадник на Социјалистичката унија на германските студенти и на Социјалдемократската партија на Германија (SPD), во деведесеттите години од минатиот век, преку леворадикалните групации направи политички пресврт кон крајната десница и стана еден од водечките членови на Национал-демократската партија на Германија (NPD). Како челник на оваа партија се истакна со антисемитски истапи и ширење омраза кон странците, според пресудата.

Според актуелната пресуда, Малер во иднина ќе биде надгледува и контролиран од властите, и нема да му биде дозволен објавување текствои без предходно нив да ги проверат властите. Малер вложи жалба на оваа пресуда.

Малер во затворот не ги промени своите политички ставови. Во својата последна реакција на пресудата, тој зборуваше за „владеењето на Евреите над германскиот народ“.