Прашањето за името ги раскара Каменос и Коѕијас

Несогласувањата меѓу министрите за одбрана и за надворешни работи на Грција, Панос Каменос и Никос Коѕијас, за време на денешната владина седница се претвориле во расправија, тврдат грчките медиуми.

Причината за несогласувањата биле изјавите на Каменос во САД, за кои реагирал Коѕијас.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, според дел од грчките медиуми, на министерскиот состанокот, што се одржуваше зад затворени врати, шефот на грчката дипломатија упатил критики до Каменос дека со неговите изјави го прекршува договорот меѓу коалициските партнери во грчката Влада и ја поткопува националната позиција во прашањето за името, посочувајќи му дека водењето на надворешната политика не е во негова надлежност.

Каменос, според грчката новинска агенција АНА-МПА, го повторил неговиот став во однос на прашањето за името, но истакнал дека нема да се приклучи во обидот на Нова демократија за уривање на Владата, а со слични ставови биле и останатите министри од редовите на неговата партија Независни Грци.

Извори од партијата за АНА-МПА, рекле дека Независни Грци „во никој случај нема да се идентификуваат со Нова демократија и нивните планови за уривање на Владата“, но и дека не се менува позицијата на партијата за Договорот од Преспа.

Министерката за туризам Елена Кундура, која доаѓа од редовите на Независни Грци, на Твитер објави дека на владината седница изјавила оти ја поддржува Владата да го заврши нејзиното дело и дека секогаш гласа според нејзината совест.

Како што претходно објави МИА, грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната владина седница побарал од министрите да се обврзат дека нема да ја поддржат евентуалната иницијатива на Нова демократија за гласање недоверба на Владата и дека нема да го урнат неговиот Кабиент поради прашањето за името.