Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: Недозволиво е да се гради депонија во еколошки најчистата средина во Македонија

Следејќи ги состојбите и воочувајќи го оправданиот револт на граѓаните од Општина Дебрца во врска со намерата за изградба на регионална депонија во реонот на селото Годивје, повикуваме на разум и изнаоѓање на друго, соодветно, еколошки и економски оправдано решение, се вели во соопштението на Трајко Вељаноски, Илија Димовски, Антонијо Милошоски, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

„Неразумно и недозволиво е во еколошки најчистата средина во Република Македонија да биде собиран отпад од целиот Југозападен плански регион. Недозволиво е на најмалиот создавач на отпад да му изградите фабрика за загадување. Наместо да се почитува, негува и поддржува еколошкиот лидер, со ваков чекор, тој се погубува. Недозволиво е еколошки најчистата средина да биде центар за собирање отпад од други 8 општини: Струга, Дебар, Охрид, Кичево, Македонски Брод, Пласница, Центар Жупа, Вевчани. Недозволиво е друг да носи одлуга за општината спротивно на волјата на нејзините граѓани. Министерството за животна средуна треба да го поттикнува јакнењето и унапредувањето на меѓуопштинската соработка, а не да создава нетрпеливост и тензичност меѓу нив. На општините треба да им помага во развојниот момент, а не да ги уназадува на ваков начин“, се наведува во соопштението од пратениците.

Вељаноски, Димовски и Милошоски додаваат дека токму поради овие причини им даваат поддршка на граѓаните против изградбата на депонијата и повикуваат да се најде ново соодветно еколошки оправдано решение кое ќе биде прифатливо за граѓаните.

„Нема да дозволиме реализација на овој непромислен и од многу аспекти неоправдан проект, искористувајќи ги сите начини и механизми кои како на пратеници ни стојат на располагање“, се наведува во соопштението на тројцата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Ги повикуваат и останатите нивни колеги да се приклучат кон нивниот повик и иницијатива за заштита на еколошки најчистата средина во Република Македонија.