Пратеници во судот за „27 април“: Немаше план за насилство во Собранието, Трајко не го прекрши Деловникот

Пратеникот Панчо Минов кој сведочи на денешното рочиште за настаните од 27 април рече дека немал никакво сознание за каков било план за загрозување на уставниот поредок во државата, а ниту имал информација за насилство во Собранието.

Тој одговараше на прашања на адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на обвинетите Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието, и на Миле Јанакиески, поранешен министер.

И сведокот Никола Мицевски на прашање дали постоел план за насилство на конститутивната седница на 27 април 2017 година, одговори негативно.

– Апсолутно не. Ниту некој информирал за некаков план, ниту се зборуваше на таа тема на координација во Собранието. Напротив, на многуте координации во тој момент ни се укажуваше да внимаваме на било каква провокација во било каква тензична ситуација во Собранието, како и да се избегнува било каква провокација низ ходниците на Законодавниот дом – рече Мицевски, пратеник и поранешен координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

На истото прашање за какви било информации за насилство на конститутивната седница одговараше и пратеникот Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

– Не сум експерт по правни работи, но мислам дека Трајко Вељаноски не го прекрши Деловникот на Собранието – рече Данев.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.