Пратениците ја обвинија владата дека со „уцени“ се обидува да го спаси Џонсон на власт

Влијателен пратеник на владејачката Конзервативна партија ја обвини во четвртокот британската влада за заплашување и обид за „уценување“ на пратеници кои сакаат да го сменат премиерот Борис Џонсон.

Откако во 2019 година ги освои парламентарните избори со највпечатливата победа по повеќе од 30 години за да го спроведе брегзитот, премиерот Борис Џонсон е на работ да му биде изгласана недоверба по гневните реакции на неговите конзервативци поради тврдењата дека во премиерската резиденција на Даунинг Стрит 10 се одржувале забави и пијанки во време на најстрогото затворање за Британците кога не можеа да се среќаваат со поширокото семејство, да одат на венчавки и на погреби на најмилите.

Некои од помладите конзервативци покренаа постапки за да го сменат, но вистинска бура предизвика пратеникот со најдолгиот стаж кога во парламентот му порача на премиерот „Во името на Господа, тргнете се“.

За да се покрене постапката за изгласување недоверба за Џонсон, потребна е поддршка од 54 пратеници. Педесет иседумгодишниот премиер и порача дека ќе ја води Конзервативната партија на следните избори.

Но Вилијам Питер Враг, претседател на парламентарната Комисија за јавна управа и уставни прашања којашто ги надгледува уставните норми ја обвини владата за уцена.

„Последните денови, многу членови на парламентот се под притисок, трпат заплашувања од владата, бидејќи се изјасниле или се претпоставува дека сакаат да напишат писма за недоверба кон премиерот. Освен тоа, извештаите за кои дознав, звучат како уцена. Според тоа, мојот совет до колегите би бил тоа да го пријават на претседателот на Долниот дом и на (лондонската) полиција“, изјави Враг.

Во одговор на ова обвинување, Џонсон за електронските медиуми рече „дека тој не видел никакви докази, не слушнал никакви докази кои би ги поткрепиле таквите наводи“.

Кристијан Вејкфорд, пратеник од партијата на Џонсон кој во средата пребегна во опозициските лабуристи, изјави дека владата се заканила дека ќе ги скуси парите за ново училиште во неговата изборна единици доколку одбие да гласа по партиска линија.

„Ми се заканија дека нема да добија пари за училиштето за Редклиф доколку не гласа по упатство. Тоа место нема средно училиште последните десет години и како човек би требало да се чувствува кога ќе му кажат дека нема да има обновување поради еден глас, не се чувствуваш пријатно“, изјави Вејкфорд за BBC.

Гневот во Конзервативната партија расте но сѐ уште не е достигнат потребниот праг за изгласување недоверба и неколку конзервативни пратеници сакаа да сочекаат да заврши истрагата за кршење на мерките во текот на „затворањата“, која ја води високата функционерка Сју Греј.

Уредникот на политичката редакција на телевизиската мрежа iTV изјави дека Греј открила електронска порака на висок функционер од кабинетот на Џонсон со којашто го предупредува дека приватната забава на 20-ти мај 2020 година не би требало да се одржи. Џонсон призна дека накусо бил на забава тој ден, а на којашто персоналот од неговиот кабинет дошол со поканата „донеси си пијачка“.

Џонсон минатата седмица во парламентот се извини бидејќи бил на забавата во градината на неговата резиденција во Даунинг Стрит 10 тој 20-ти мај, во време на „локдаунот“ и рече дека мислел дека станува збор за работен настан.

Враг во четвртокот го споменуваше делувањето на „владините дисциплинатори“, а станува збор за лица кои се грижат конзервативните пратеници ја поддржат политиката на владата и не отстапуваат.

„Секако дека должноста на владините дисциплинатори е да ја осигураат владината политика во Долниот дом. Меѓутоа, не е во нивниот кодекс заканата дека ќе ги повлечат вложувањата за коишто се заземаат членовите на парламентите во изборните единици за проектите кои се финансираат со јавни пари“, изјави Враг.

Дисциплинатор (во англискиот опишан како „оној кој потпукнува со камшикот) е израз кој потекнува од ловот на лисиците и се јавил во 1742 година, а станува збор за практика на прибегнување кон закани а понекогаш и понуди за напредувања за пратениците да се придобијата да ја поддржат партиската линија.

Меѓутоа, и дисциплинаторите мора да постапаат според одредени прописи и не смеат да ја минат границата, на пример „не смеат да ги опструираат членовите во извршувањето на нивните задачи или да ги застрашуваат во нивната работа со закани“, појаснија од канцеларијата на претседателот на парламентот.