Пратениците дадоа зелено светло за продолжување на важноста на возачките дозволи до крајот на годинава

Со 88 гласа „за“, ниту еден „против“ и без „воздржани“, пратениците попладнево на итната 144. седница што ја закажа претседателот на Законодавниот дом, Јован Митрески, ја изгласаа потребата од измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата по скратена постапка со кои треба да се пролонгира рокот на важење на возачките дозволи со старото уставно име и по истекот на денешниот ден.

Предлагачи на измените се координаторите на пратеничките групи и на претставници на други партии во Собранието, односно Никола Мицевски (ВМРО-ДПМНЕ), Мартин Коствоски (СДСМ), Вјолца Адеми (ДУИ), Димитар Апасиев (Левица) и Павле Трајанов (Демократски сојуз).

Договорот за донесување на законските измени кои, како што наведе Мицевски, образложувајќи го предлогот е постигнат со консензус меѓу сите пратенички групи, а целта е да се изнајде брзо решение за проблемот со замената на личните документи, конкретно оној со возачките дозволи.

„Сакам да ја информирам јавноста, како што најавивме утрово дека пред малку заврши координацијата и консултацијата помеѓу сите политички субјекти и координатори на пратеничките групи во Собранието со цел изнаоѓањње на брзо решение за проблемот со личните документи на граѓаните. Во интерес на граѓаните и со цел нивно ослободување од дополнителен притисок и хаос којшто се создаде овој период преку меѓусебен консензус сите координатори и останати пратеници од сите парламентарни политички партии дојдовме до заедничко решение на оваа седница да предложиме усвојување на измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“, рече Мицевски.

Како што посочи тој станува збор за мали измени, со кои во членот 5 е Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата „зборовите 12 февруари 2024 година“ се заменува со зборовите „31 декември 2024 година“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.