Пратениците конечно го договорија законот за амнестија

Нацрт законот за амнестија е готов, вели пратеникот Зекир Рамчиловиќ, кој ја предводи групата за помирување. Договорената верзија треба да биде разгледана на следната средба на групата која е најавена дека ќе се одржи в понеделник.

Рамчиловиќ очекува на средбата да се разгледаат договорените точки и да се финишираат оние за кои се уште има некои отворени дилеми.

„Она што е најважно што дојдовме до одредена верзија. Правниот дел беше проблематичен најдовме правно решение за да не се влијание на судството, но сепак да има помирување со кое одредена група ќе се амнестира, а за други правната постапка ќе продолжи“, вели Рамчиловиќ.

Се очекува, откако нацрт верзијата ќе мине прво во групата, а потоа е пред телото за помирување, реформи и интеграција да биде и официјално поднесен до собраниските служби и се почне со процедурата за негово донесување. Рамчиловиќ очекува дека разгледувањето на нацрт верзијата ќе заврши во текот на следната недела.

Детали од подготвеното законско решение вклучените во процесот засега не откриваат. Законот за амнестија, како што е најавено, засега ќе се однесува само за дел од обвинетите за собраниските настани од 27-ми април и тоа за оние кои не се посочени како организатори на упадот во Собранието и кои не сториле насилен акт за време на случувањата. Рамчиловиќ вели дека последните сведоштва кои беа дадени во Кривичниот суд во текот на оваа недела немале директно влијание врз подготовката на нацрт законот, но охрабрува да се открие вистината за собраниските настани по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

„Нема да штитиме никој кој со намера и умисла направил нешто“, вели Рамчиловиќ.

Инаку, процесот на помирување почна по гласањето за уставните измени кога осуммина пратеници на ВМРО ДПМНЕ гласаа за отворање на Уставото со цел имплементирање на обврските од Договорот од Преспа за промена на името на државата во Република Северна Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.