Пратениците на пленарна седница одлучуваат за имунитетот на Велјановски

Претседателот на Собранието Талат Џафери по целодневни консултации со собраниските служби ја закажа седницата на која ќе се одлучува за имунитетот на поранешниот претседател на Собранието и сегашен пратеник Трајко Велјаноски. Седницата започна во недела, во 21:30 часот.

Претходно Џафери рече дека имал дилеми дали воопшто и може да закаже собраниска седница затоа што Комисијата за мандатно имунитетни прашања вчера не усвои конкретен предлог за Собранието.

Во Комисијата гласањето беше изедначено, односно четири гласа беа „за“ и четири „против“. Расправата во Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања почна во петокот и до вчера вечерта помина со низа реплики, контрареплики и паузи. Опозицијата обвини дека се работи за политички прогон и предложи колективно на сите да им биде одземен пратеничкиот имунитет, додека парламентарното мнозинство беше со став дека треба да се откријат организаторите на 27 април и да бидат изнесени пред лицето на правдата.

Барањето за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељановски следи откако тој заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски во средата беа приведени на распит поради сомнение дека се дел од организаторите на настаните од 27 април. Вељаноски тогаш се повика на пратеничкиот имунитет, додека на Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка притвор.