Пратениците на СДСМ ќе го почитуваат ставот на Џафери, но сакаат формален одговор на барањето за итна седница

Пратениците од СДСМ ќе го почитуваат ставот на претседателот на Собранието Талат Џафери за несвикување итна седница за потврдување на одлуките за вонредна состојба поради коронавирусот, но бараат одговор на нивното барање кое е формално доставено до Собранието.

– Како и досега така и од сега, ќе го почитуваме во целост ставот на претседателот на Собранието, но ние сметаме дека како пратеници најмалку што треба да се случи, односно заслужуваме да добиеме одговор од претседателот на Собранието на писменото барање коешто е формално доставено а не да добиваме одговори преку медиумите, изјави денеска на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање Снежана Калеска Ванчева.

Според неа, легитимното право на пратениците согласно Устав и Деловник на Собранието не може да биде толкувано како пуч.

-Легитимно, демократски и согласно Деловникот и Уставот, ние како пратеници поднесовме иницијатива онака како што налагаат прописите , а тоа е до претседателот на Собранието за свикување на итна седница. Јас можам во овој момент само да кажам дека нашиот став е непроменет и ние имајќи ја во предвид целокупната ситуација како пратеници сметаме дека е демократски и апсолутно корисно, Собранието да може да биде свикано да се состане и да ги потврди одлуките за времената состојба и тоа е всушност во насока на демократизација и поделбата на власта и добро е да знаат,добро е за граѓаните, за општеството за државата дека на располагање имаат уште еден механизам за контрола над извршната власт, рече Калеска Ванчева.

Тоа, како што рече, е единствената причина зошто тие како пратеници сметале дека треба да го искористат нивното право, но и обврската како пратеници во Собранието.

Пратеници од СДСМ и нивни коалициски пратеници минатата недела поднесоа до Собранието барање за итна седница на која би се потврдиле одлуките за вонредна состојба поради ковид-19 од страна на претседателот Стево Пендаровски. Македонското Сонбранието поради вонредни парламентарни избори се самораспушти на 16 февруари, а сгавот на претседателот Џафери, кој не одговори на нивното барање неколу дена, беше дека самораспуштен Парламент не може повторно да се свика.

Џафери се огласи синоќа за ТВ 21 потеницрајќи уште еднаш дека нема можност за свикување на распуштениот парламентарен состав.

-Собранието може да се врати само по следните избори, изјави Џафери.

Тој вели дека секој друг начин освен по избори за заседавање на Собранието е обид за пуч. Тврди дека се вршел притисок врз него за повторно свикување на пратениците и заседавање на Парламентот, но, како што нагласува, „со Собранието е веќе завршено“.

– На 16-ти февруари секој пратеник гласаше за престанок на мандатот. Собранието ќе се собере по наредните избори, вели собранискиот спикер, коментирајќи ја иницијативата за повторно свикување на законодавниот дом.