Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го чекаат Талат Џафери да ја отвори седницата за гласање недоверба на владата (ФОТО)

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ влегоа во собраниската сала каде што денеска во 11 часот ќе се гласа за недоверба на владата.

На фотографијата што ја објави пратеникот Антонио Милошоски се гледа дека четириесетина пратеници веќе се седнати на своите места и го чекаат собранискиот спикер Талат Џафери да ја отвори седницата.

– Подготвени сме. Нашите пратеници се тука, а пристигнат е и пратеникот Јован Јаулески од Струга – кратко ни одговори Милошоски.

Кога седницата ќе почне, по прашањето за доверба на Владата ќе се води претрес. Според член 216, право да го образложи прашањето за доверба на Владата ќе има еден од пратениците кои го поставиле тоа прашање, во траење од најмногу 30 минути.

Редоследот на пратениците по пратенички групи, и на пратеници кои не се организирани во пратеничка група, а кои ќе учествуваат во претресот – се определува во договор на претседателот на Собранието со координаторите на пратеничките групи пред почетокот на седницата.

Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 15 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 20 минути.