Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од дискусија за уставните измени и повикаа на гласање

Во тек е третиот ден од расправата во Собранието за пристапување кон уставни измени според Договорот од Преспа за промена на уставното име на Република Македонија. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од дискусија и ги повикаа колегите од собраниското мнозинство и тие истото да го сторат и да се премине кон гласање. Од досегашните дискусии може да се каже дека позициите на власта и на опозицијата остануваат спротивставени во однос на тоа дека треба да се пристапи кон промени во Уставот.

И денеска пратениците дискутираа за предлогот за помирување, за можна лидерска средба, за капитулантскиот договор за промена на името и за успехот во преговорите за името и извесната иднина на Македонија во ЕУ и НАТО.

Пратеникот од опозицијата Панчо Минов предложи активно учество на опозицијата во уставните амандамани, предложи амандман за зацврстување на македонскиот идентитет и одложено дејство на членовите од Преспанскиот договор сѐ до приемот на Македонија во НАТО и ЕУ. Минов смета дека внатрешната употреба на новото име, Република северна Македонија треба да е условена од членството на Македонија во ЕУ.

На ова реплицираше министерот Никола Димитров кој рече дека овие предлози се неприфатливи и дека тој е против лидерска средба.

Пријавени за дискусија се уште дваесетина пратеници и неизвесно е дали оваа точка од собранискатаа седница ќе заврши денес или утре, или како што се проценува в петок.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја изразија својата увереност дека предложените измени и амандманите на Уставот нема да минат во Собранието на Република Македонија и со тој свој став го запозна раководството на ВМРО-ДПМНЕ, при што едногласно ја потврдија својата позиција дека ќе гласаат против уставните измени, соопшти партијата.