Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се враќаат во Собрание и ќе бараат гласање недоверба на Владата

Извршниот и Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ во неделата доцна вечерта одлучија пратениците на најголемата опозициска партија да се вратат во Собранието, информираше партискиот лидер Христијан Мицковски и истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за работата на Владата, веднаш по враќањето.

„Вечерва Извршниот комитет и Централниот комитет ги разгледуваа начините на кои ВМРО-ДПМНЕ треба најефикасно да се спротивстави на оваа криминална и неспособна влада. Со учество во работата на Собранието жестоко ќе се спротивставиме на секоја штетна и антидржавна политика“, рече Мицкоски по завршувањето на состаноците на највисоките партиски органи.

Прв чекор, како што истакна, ќе биде покренување гласање за недоверба на Владата со „изгубен кредибилитет“, која не работи за доброто на државата.

„Таа треба што поскоро да замине. Колку побрзо толку подобро за државата. Оваа криминална Влада ќе остане запаметена како најнеспособната досега во историјата на Република Македонија”, изјави Мицкоски.

Информираше дека работните групи на неговата партија и на СДСМ постоигнале согласност за поголемиот дел од реформските закони, но по целосно финализирање, ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира на писмени гаранции за нивно реализирање.

Во иднина, ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, нема да дозволи освен реформските закони да помине нешто што не е во полза на граѓаните.

„Оваа влада е најнеспособна од независноста на Македонија. Криминалот и корупцијата станаа заштитен белег на оваа Влада и мора да си одат. На надворешен план водат штетна политика без резултати, а на внатрешен план политика без концепт и сериозна идеја, рече Мицкоски.

Додаде дека биле прифатени нивните забелешки и потврди дека при крај се преговорите со СДСМ за реформските закони.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара писмена гаранција и ќе ја следи имплементацијата на овие закони со активно учество во Собранието.

Претходно во неделата во интервју за Радио Слободна Европа Мицкоски рече дека доколку ВМРО-ДПМНЕ се врати во Собранието, тоа ќе биде на „голема врата“.

„Доколку одлучи да се врати, првиот момент што ќе го направи е ќе поднесе интерпелација за работењето на Владата, каде што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги образложат сите оние злоупотреби и грешки што оваа владејачко мнозинство во изминатите десет месеци ѝ ги нанесе на нашата татковина, а ќе можеме да видиме како владејачкото мнозинство ќе одговори на тие прозивки“, вели Мицкоски.

Одговори и на новинарско прашање за кои се условите ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собрание.

„Постојат два услова: политички и математички. Политичкиот услов, можам да кажам, очекувам многу брзо да биде надминат, да бидат исполнети нашите барања, коишто одат во паралелна насока заедно со преговорите во однос на реформските закони, кои се многу важни за иднината на оваа држава, бидејќи нас нѐ интересира иднината и реформите во оваа држава. Ние имаме сопствени барања и тој документ ќе биде многу брзо познат и презентиран пред очите на јавноста. Вториот услов е математички, којшто можеме да кажеме еве во најголема мерка е исполнет“, рече Мицкоски во интервјуто за РСЕ.

Мицкоски вели дека во изминатиот период течеа преговори меѓу двете партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекувам деновиве, многу скоро, да биде разрешена енигмата околу тие политички барања коишто ги имаше ВМРО-ДПМНЕ. Паралелно со тие преговори, тече и преговорите околу реформските закони“, рече лидерот на опозициската партија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.