Пратениците од власта се онлајн работа, а опозицијата е за физичко присуство

Токму поради мерките за заштита од Ковид 19 пратениците својот мандат го почнаа во новата сала во големата купола на Собранието. Но и покрај дистанцата што ја имаат сепак претседателот на Собранието Талат Џафери со идеја пратениците воопшто да не доаѓаат на работа и да има онлајн парламент.  Ова е неуставно и неприфатливо велат од ВМРО-ДПМНЕ според кои тоа е само обид на власта да ја замолчи опозицијата во дискусиите.

„Не е возможно да има онлајн Собрание впрочем и единствената работа и поента да се оди во Собранието е да можат сите пратеници таму лично јавно да го кажуваат и да се изјаснуваат на начин на кој што тоа е предвидено и со Уставот и со Деловникот. Должност на сите стручни служби вклучувајќи го и претседателот на Собранието е да овозможи услови за работа во Собранието“, истакна Игор Јанушев.

Со спротивен став е координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски кој вели дека е потребно воведување онлајн Собрание особено доколку дојде до тоа пратеници да бидат заболени или пратени во изолација.

„Еден заболен независно дали станува збор за пратеник или вработен во собраниските служби може да ги стави во изолација сите пратеници и целото Собрание. Единствен начин е онлајн работата или работа од далечина. Такви примери има во многу земји. За да се спроведе тоа кај нас има неколку можности преку промена на Деловник, времен деловник, одлука за работа во вакви ситуации и слично. Потенцирам, онлајн работата на Собранието за нас не само што е прифатлива, туку е и нужна“, вели Јован Митревски.

Одржувањето онлајн седници не е прифатливо ниту за Алијанса на Албанците. Џафери да работи според Уставот и Деловникот порача лидерот и пратеник од Алијанса на Албанците, Зијадин Села.

„Не доаѓа предвид тоа. Противуставно е како прво и со Правилник се знае како се држат седници и секако обид за да се стиши гласот на народот нема да биде прифатено од наша страна. Џафери нека си ја врши должноста која ја има преземено и таков предлог за нас, на никаков начин не е прифатлив“, додава Зијадин Села.

Шефот на парламентот Џафери оваа идеја ја напомна при средбата со британската амбасадорка Рејчел Галовеј која ја имаше деновиве во Собранието.

„Соочени со предизвиците на пандемијата со Ковид 19 сите заедно ќе треба консензуално да изградат деловничка основа за можност за работа на Собранието од далечина, особено за гласање од далечина, бидејќи неизвесноста со пандемијата во претстојниот есенски и зимски период е голема и ќе изискува ставање во располагање на сите капацитети за справување со овие ризици, како и донесување времени правила за работа на Собранието во вонредна состојба“, порачува Талат Џафери.

За да се воведе онлајн работа на пратениците сепак, ќе треба да се донесат измени на Деловникот на Собранието. Иако за работата на пратениците би можела да се донесе некаква времена одлука, но за гласањето е потребно да бидат донесени измени на собранискиот Деловник бидејќи во него е предвидено како може да се гласа, со притискање на копчето или со кревање рака.  Бидејќи за измени на Деловникот потребен е консензус од сите политички партии,  Џафери ова прашање ќе треба да го отвори на координација со пратеничките групи.