Пратениците трет ден расправаат за разрешување на Фадил Зендели од Комисијата за прашања на изборите и именувањата

Пратениците денеска трет ден расправаат за Предлог-одлуката за разрешување на пратеникот Фадил Зендели од Движење Беса од член на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

И на денешното продолжение на 64-та седница се повторуваат изнесените ставови од вчерашниот ден. Пратениците од опозицијата обвинија дека парламентарното мнозинство останало, „глуво, не послушало, настапило арогантно, демонстрилало сила и надмоќ“ и посочија дека оваа точка е „протната“ на дневен ред, а материјалите биле доставени четири минути пред самата седница.

За пратениците од владејачкото мнозинство, пак, одлуката е во согласност со одредби во Деловникот кои налагаат пресликување на пратеничките места од партиите во составите на работните тела.

Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека три дена се обидуваат со факти и со правни аргументи да укажат дека ова што се прави е преседан и импровизација.

-Ниту еден преседан, ниту една импровизација не донела ништо добро, ниту за нив, ниту за Собранието, ниту за граѓаните, рече Јаревски.

Соња Мираковска од НСДП повтори дека никој нема ништо против Фадил Зендели и не се дава оценка за неговото однесување, за работа, за кредибилитет… Потсети дека тој беше потпретседател на Собранието, но си поднесе оставка и покрај тоа, како што рече, требаше да ја заврши работата и да си поднесе оставка и како член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Според неа, тој е свесен дека во оваа Комисија исклучително е важно и треба секоја коалиција, без разлика дали е на власт или не, да  добие онолку места колку што им следуваат.

На 64-тата седница на дневен ред се и предлог-законите за дополнување на Законот за Јавното обвинителство и за дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, Предлог-закон за изменување на Законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, Предлогот-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Предлог-декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.