Пратениците во експресна расправа ги изгласаа сите четири нацрт-амандмани

Заврши втората фаза од уставните измени. Пратениците во експресна расправа од само три дена ги изгласаа сите четири нацрт-амандмани што ги предложи Владата согласно Договорот од Преспа.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против нацрт-амандманите, додека пак, 8-мината од независната група од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за три нацрт-амандмани гласаше воздржано.

Дискусиите ги водеја главно пратениците на опозицијата, оние од власта се откажаа од правото на говор и само повремено реплицираа. По четвртиот нацрт-амандман  главно говореа од независната пратеничка група бидејки во него се содржи нивниот предлог за гаранции околу македонскиот идентитет.

Во расправата во третиот-нацрт амандман кој се однесува на неменување на границите и немешање во внатрешните работи на соседите, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ побараа реципроцитет на ваква одредба во грчкиот Устав.

По втората фаза ќе следи пет дена јавна дускусија, а нацрт- амандманите се враќаат во владата на доработка за да се добие нивната конечна предлог-верзија.

Во оваа меѓуфаза народните избраници ќе можат да поднесуваат и амандмани на предлог-амандманите.

Последната расправа и гласање на Уставните измени се планира за средината на јануари кога ќе биде потребна поддршка од најмалку 80 пратеници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.