Пратеник од Норвешка го номинирал Трамп за Нобелова награда за мир

Пратеник од норвершката екстремна десница денеска изјави дека го номинирал американскиот претседател Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир за неговите напори на Блискиот исток, јави агенцијата АП.

Кристијан Тајбринг-Гједе, член на норвешкиот парламент од крајно десничарската Прогресивна партија, рече дека Трамп треба да се разгледа заради неговата работа „за мировен договор меѓу Обединетите Арапски Емирати и Израел, што се отвора за можен мир на Блискиот исток “.

Израел и ОАЕ на 13 август годинава, со посредство на претседателот Трамп, се согласија да воспостават целосни дипломатски односи, потег што беше поздравен како историски чекор што ќе го унапреди мирот на Блискиот Исток, но и осуден од некои муслимански држави како Иран и Турција како „нож в грб на муслиманскиот свет“.

Норвешкиот пратеник Тајбринг изјави дека номинацијата на Трамп ја поднел денеска.

„Без оглед како Трамп се однесува дома и што зборува на прес-конференции, тој има апсолутно шанса да ја добие Нобеловата награда за мир“, изјави Тајбринг за Асошиејтед прес.

Тајбринг беше еден од двајцата норвешки пратеници кои го номинираа Трамп за мировната награда во 2018 година за неговите напори за помирување меѓу Северна и Јужна Кореја.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.