Пратеник одби да носи маска, на раце исфрлен од салата

Италијанскиот пратеник Виторио Згарби насила беше изнесен од собраниската седница затоа што одби да носи маска. Згарби беше отстранет од седницата откако тој викаше од своето место без вклучен микрофон за време на дебатата за воведување на национален ден против хомофобијата во Италија.

Згарби тврди дека маската е само изговор да се исфрли од собраниската сала.

-Приложив медицински доказ дека страдам од ринитис веќе 40 години, поради што не смеам да носам маска. Владата и мнозинството во парламентот не толерираат различно мислење. Кога ќе ви го одземат зборот, ќе ве избркаат од парламентот, кое треба да биде место на слобода на мислата и говорот, тогаш тоа е крај на демократијата. Ќе се вратам да кажам што мислам, рече Згарби по исфрлувањето.

Згарби, кој по професија е историчар на уметност, е познат по своето жестоко спротивставување на карантинот и други епидемиолошки мерки, но и по бројните инциденти внатре и надвор од парламентот.