Правилната исхрана го намалува ризикот од Катаракта

Катаракта, или народно кажано перде, е најчеста очна болест, која ја ограничува или целосно ја оневозможува функцијата на видот. Се проценува дека 30 до 45 милиони луѓе во светот се слепи, а од тој број кај повеќе од 45 отсто причината е катарактата.

Под поимот катаракта се подразбира секое заматување на леќата на окото, при што се намалува или во целост се губи видот. Во здрава состојба таа е бистра.

Леќата е составена од 65 отсто вода, 35 отсто белковини, витамин Ц, полисахариди, електролити, а во најголем процент е застапен калиумот. Катарактата настанува како резултат на пореметување на односот вода-белковини.

После 50-та година од животот ризикот за појава на катаракта се зголемува.

Првичните истражувања покажале дека катарактата е последица на стареењето, меѓутоа понатамошните истражувања покажале дека постојат и други причини како што се пушењето, дијабетесот, атописки дерматитис, при херпес симплекс инфекции, варичела, може да се појави кај оние лица кои имале труење со тешки метали, кај лица кои подолго време користеле стероиди, при подолго изложување на сонце, бидејќи сончевите зраци влијаат во развојот на катарактата.

Во борбата против катарактата идеално решение се антиоксидансите, кои ги неутрализираат слободните радикали, штетни за организмот. Најдобар антиоксидант е витаминот Ц како и витаминот А, бетакаротенот кој е провитамин на витаминот А и витаминот Е. Покрај антиоксидантите важна улога имаат и минералите: магнезиум и манган. Фолната киселина која ја има во мешунките и зеленолиснатиот зеленчук исто е погодна за борбата против катарактата, како и омега 3 киселината.

Сите истражувања покажале дека исхраната има важна улога во развојот на катарактата. Затоа лицата кои многу малку внесуваат овошје и зеленчук се склони на катаракта.

Користење на зелениот чај, кој е богат со антиоксиданси, може да делува превентивно.

Лицата кои се хранат здраво, кои се на здрави диети, каде што е вклучена разновидна исхрана, можат да се надеваат на помал ризик за развој на катарактата.

Катарактата е неизбежна со самото стареење, но со здрава исхрана може ризикот да се намали или да се одложи на подолг период.

Квалитетната и здрава исхрана игра важна улога во целокупното здравје на човекот, вклучувајќи ги и очите!

Доколку имате било какви прашања поврзани со исхраната за катарактата можете да се обратите на мојата електонска пошта.

Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес

e-mail: nutri-diet2018@outlook.com