Правни или политички случаите против поранешниот премиер Груевски?!

Ниту за судот, ниту за специјалното јавно обвинителство не постојат казни доколку во законски рок не дадат мислење по барањето за одложување на затворот за екс премиерот Никола Груевски, кој испрати молби и до третостепениот и до кривичниот суд.

Можеби и затоа скопска единица, отстапи од праксата, па за Груевски рокот за извршување го скрати на 13 дена, бидејќи жалбата пред Врховен не го одложува извршувањето. Се поверојатно е дека случајот на Груевски ќе почека во фиока, но заради негова штета, а не корист.

Врховен не може да одлучува по жалбата, без мислење од СЈО, рокот на Катица Јанева и е 15 дена, но ништо не ја спречува мислењето да го достави и после утврдениот рок, оти казнени одредби за тоа не постојат.Откако ќе стигне мислењето од СЈО, Врховен суд може да закаже седница веднаш, а може и по неколку месеци и за ова нема краен рок ниту казнена одредба.

Ако се закаже седница веднаш, од третостепениот суд ќе зависи дали веднаш ќе донесе мерка за запирање на извршувањето, или истото да го прекине ако веќе Груевски е во затвор, се додека врховните судии не се произнесат по вонредното преиспитување на пресудата. Таква одлука имаше во случајот со екс премиерот Владо Бучковски за аферата „тенковски делови“.

Од друга страна судијата за извршување санкции во кривичниот суд Пајазит Пајазити до следната среда или најдоцна четврток ќе треба да одговори по молбата на Груевски за одложување на извршувањето.

Може и да ја прифати и да ја одбие, бидејќи формално правно сам одлучува. Доколку ја одбие, во рок од три дена Груевски има право да се жали на Кривичен совет, а судиите од тој совет за 3 дена треба да одговорат. Но што ќе победи, правото или политичкиот притисок за кој зборуваше Груевски.

Јавноста во април беше сведок дека судот замижувал за извршители на тешки кривични дела, па дури и кога во прашање биле бегалци по кои затворите имале распишано потерница. Таков беше случајот со Фејзи Азири, обвинетиот во случајот Монструм. По него штипскиот затвор имаше распишано потерница, бидејќи по одложување на казната затвор од неколку месеци, поради наводна астма, не се јавил во затвор за да си ја отслужи казната за друг случај – нелегално оружје.

Азири беше бегалец три месеци, во исто време и обвинет за тероризам за случајот Монструм, но ниту од судот ниту од СЈО имаше некакви последици за тоа. По притисок на медиумите, Азири беше принуден да оди да си ја одлежи затворската казна.

Се погласни се апелите на правните експерти, дека случајот на Груевски е политички случај, а лично и тој во повеќе наврати посочи дека судиите само формално носат одлуки, односно дека инструкции стигнуваат од политичари. Ваков политички монтиран процес еден ден ќе биде историја, како што за нашите генерации историја се ваквите случаи од пред 70 тина години, против личности кои денес не само што се рехабилитираа туку претставуваат симбол на македонскиот непокор, коментираат аналитичари за Алфа. Груевски не само што 11 години не дозволи смена на името, туку и нападнат со пет обвиненија и една правосилна затворска пресуда, во петокот на 19 –ти, одлучно застана против промената на името во македонскиот парламент.

Поранешниот премиер е осуден на две години затвор бидејќи наводно влијаел да се набави блиндирано возило, односно сакал и тој понекогаш кога неговото возило е на сервис, покрај високите вип гости, да се вози во мерцедесот. Прилично неубедливо дури и за најсилните противници на Никола Груевски.

Ниту провизија, ниту корупција, ниту каква било финансиска малверзација, нема во набавката на владиниот „мерцедес“, за што поранешниот премиер Никола Груевски треба да оди во затвор на две години.

Каде се милионите и милијардите, за кои бесрамно водеа пропаганда против мене.Со сите институции насочени кон мене, со цел државен апарат фокусиран на мене, со одврзани раце да ми прават што сакаат, немаат ниту еден случај против мене за каква било проневера или корупција, па се сведоа на план да ме затвараат бидејќи сум сакал покрај другите ВИП странски гости и јас понекогаш да бидам превезуван во новото блиндирано возило, во време кога старото е на поправка,  рече Груевски на 4 септември 2018.

Но не само овој случај и останатите пет во кои е обвинет Груевски, СЈО не го гони кривично за  злоупотреба на државни пари.

Во предметот за патиштата сум обвинет, како што кажа и самата обвинителка во судницата, дека сум влијаел да се изгради автопатот Охрид Кичево со цел да добијам политички поени пред следните парламентарни избори. Небаре е криминал ако политичар и премиер пред избори ги истакне завршените проекти и со нив побара нова поддршка од граѓаните.Третото обвинение е затоа што е урната една класична дивоградба, при што инвеститорот се жалел и загубил на сите можни судски инстанци, а доказите дека е дивоградба се уште стојат, а тоа се несрушените темели на објектот дивоградба. Четвртиот предмет е дека сум потикнал насилство при што под насилство подразбираат протести на граѓанска иницијатива на кои обвинетите 8 лица кои наводно сториле насилство според приложените докази на СЈО и сведоците  кои се против нив ниту некого повредиле ниту нешто оштетиле но ги теретат бидејќи советниците на СДСМ  се вознемириле и добиле чувство на несигурност заради протестите. Петтиот предмет е Титаник каде како и во претходните 4 случаи немаат ниту сведок против мене ниту мој потпис ниту каков било доказ за какво било кривично дело  и за се што ме теретат всушност ме теретат бидејќи во тој период сум бил водач на ВМРО ДПМНЕ , вели Груевски.

Поранешниот премиер уште минатиот месец предупреди дека судиите не одлучуваат според правните основи, туку како што рече имаат политичка директива по која носат одлуки, се со една цел за тој според нечии желби што побрзо да биде затворен. Груевски минатата недела доби упатен акт да се јави на извршување на затворската казна од две години, роковите за упатување кои обично се од два до неколку месеци за екс премиерот се скратени на 13 дена.