Право и правда освои најголем број пратенчки места во Полска

Владејачката полска конзервативна партија Право и правда освои најголем број гласови на парламентарните избори и обезбеди мнозинство во парламентот, покажаа излезните анкети на компанијата Ипсос.

Партијата добила 43,6 отсто од гласовите, со што се очекува да обезбеди 239 места во долниот дом на Парламентот, кој има 460 пратеници. Лидерот на партијата Јарослав Качински изјави дека излезните анкети не се конечни резултати, но сепак прогласи победа.

Центристичката проевропска група „Граѓанска коалиција“ е на второ место со освоени 27, 4 отсто од гласовите.Според анкетите, цензусот од пет отсто би требало да го поминат и левичарската коалиција, Полската народна партија и новиот крајно десничарски сојуз Конфедерација.