Право на досада

Паметам периоди во животот кога знаеше да преовлада симпaтичната и заводлива Пандемона која ја знаевме со општото име Здодевност. Ох, каква само знаеше да биде заводлива во нејзиниот танц од самрак до зори. Легнат на куп песок од запуштеното градилиште, некаков заборавен соц-рец проект, кој на нас децата ни даваше неограничени простори за игра, легнати така ги отпоздравуваме последните остатоци на растурените перници по синото небо бракајќи во секој од нив некаков облик или филм на некаква митска борба на титани.

Ја сакав здодевноста кога ќе ме начекаше седнат на работ на тротоарот со куп џамлии во рака, гледаајќи дали на улицата воопшто ќе се појави некакво возило, и абартирано фичо знаеше убаво да прозвучи сечејќи ја рамнодушноста на денот.

Истата таа улица денес е центарот на анархијата, урбана годзила, сообраќајот. Свети Апостол Павле немилосрдно ќе ти плесне лице оти вистина е дека кога си дете – се однесуваш како дете, но кога ќе пораснеш…Што!?! Стануваш…, градско непрокопсано.

Не сум дете, но како тегавец на отворена рана ми требаат тие мигови на здодевност кога мислите се судираат без никаков редослед, како муви затворени во тегла. Имам ли сеуште право на мојата порција на здодевност, барем една, мала, аристократка и декадентна, како прошетка во налудничаво дизајнирана облека низ паркот, каде ни вџашените погледи на минувачите не можат дури ни да загребат по површината на стаклената рамка низ која влегува рококо сликата за светот.

Посакувам вратата од мојата соба да ја отвори стариот и онака прекорно од прагот, (од почит не ми влегуваше) да ми каже – Пеземек, доста дремеш и слушаш музика, фати книгата – и немаше да издржи во сопствената сериозност и ќе се насмееше пред да ја затвори вратата со вечната негова УЖИВАЈ!

Го наоѓам помалиот син како се загледал низ прозорецот, а пред него, кутија со сладолед која без прашање ја зел од фрижидерот и со лажича чепка по малку и загледан во далечина, со стаклест поглед, ги следи облаците… ова е сликата на детето што бев? Ако мојот стрес и р’гање во секојдневицата го откупува неговото право на здодевност, нека биде, ќе удвојам сили за да им го овозможам, нека тоа му биде бегство кон спокојот кон кој можеби и он ќе тежнее, како некоја цел за привремено смирение, да закрепнеш и собереш сили за да се фатиш во костец со лудилото на светот. Исконска желба ме повлече да му се приклучам во денгубењето кога телефонот ми зазвони и ги разпрсна сите Литл Флафи Клаудс.

Пцујам како таксист-стечаец, во неможноста и немоќта да откупам ден во животот и да го посветам на буржујско легачење, каде личноста полека се стопува во аморфна маса до непрепознатливост, како дремка во едемската градина пред реброто да се матерјализира во жена… во полусонот на крецијата, раѓањето на нарцисот, а топлото лето ја зголемува и мрзата кај времето кое полека забавува и почнува да се топи како часовниците на Дали.

И ми се рушат сите величествени потраги, кој сум, што сум, која е смислата.. само бизарниот рефрен на Монти Пајтон – Сакам да сум Дрвосеча – одекнува како вирус во увото и ги пародира сите возвишени мисли. Се’ повеќе сум во ринг и боксувам против носталгијата, непризнавајќи дека имам километража која може да ми дозволи такви мисли за запуштени места, заборавени пријатели и писма на кои никогаш не одговорив, вкусови и миризби кои не се повторија, да дефрагментирам мисли и слики, да ги ставам во крупни пиксели и ниска резолуција.

Денес се чувствувам како да сум бебето во количката од култниот филм Потемкин, удолу, удолу, кон бајонетите!!! Ура!!!
Само кај ми е цуцлата, мамата…

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.