Православните христијани го слават најрадосниот празник Бадник, утре Божик

Православните христијански верници во земјава денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Одбележувањето на Бадник ќе се одржи пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник”.

Ветераните Мојсо Мојсовски и Ванчо – Иве Стевков ќе бидат кум и здравичар на прославата оваа година, додека како почит и пиетет кон Марко Илковски кој починал, неговиот внук кој го носи неговото име ќе биде синоним на младоста и продолжувањето на традицијата на членување и работа на бадникарите за продолжување на убавата традиција започната во 1993.

Ќе бидат делени бадникарски гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно.

Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.

Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници.

Семејството на Бадник се собира на заедничка посна трпеза и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Во сите храмови утрото по Бадник се служи празнична Божикна литургија.

Божик е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.

Во Соборниот храм „Свети Климент Охридски” во Скопје денеска од 10 часот ќе почне одбележувањето денот пред раѓањето на Исус Христос – Бадник.

Покрај бадниковата химна, во изведба на Силви Бенд, ќе биде подигнато и бадниковото знаме, а ќе бидат осветени и бадникови гранчиња.

Во 10:15 часот ќе се пречекот на бадникарските кумови за 2023 година, Мојсо Мојсовски и Марко Илковски јуниор со бадниковата погача и здравичарот Иванчо Стефков.

Во 10:30 ќе се одржи пречек на ланските кумови Драган Спасов Дац и Александар Митевски со сопругите и Бадникарскиот ќуп.

По ова во Соборниот храм тие ќе имаат куса средба со архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ќе ја благослови погачата.

На бината, потоа, свое обраќање ќе имаат сите учесници од манифестацијата и ќе се изврши примопредавањето на Бадникарскиот ќуп, по што новите кумови ќе бидат испратени до пајтонот.