Православните верници денеска го празнуваат големиот христијански празник Водици

Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление – Водици, кој што се празнува уште од вториот век. Празникот е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.

Празникот се нарекува уште и Водици заради големиот водосвет што го извршува Црквата на овој ден. Традиционално, во реките се фрлаат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со фрлањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити. Со Водици завршуваат т.н. Некрстени денови.

Годинава, најголема масовност се очекува во Скопје и во Охрид.

По светиот крст во Скопје кој ќе биде фрлен во водите на реката Вардар точно напладне пријавени се над 200 граѓани. Меѓу нив има граѓани кои со децении скокаат по крстот, но и такви што досега никогаш не учествувале. Има пријавено и едно девојче и неколку малолетници.

Василиевата литургија ќе почне во 9 часот во црквата „Св. Димитрија“ во Скопје по што поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан заедно со свештенослужителите и верниците со литија ќе се упати кон мостот кај хотелот „Холидеј ин“ каде ќе ги освети водите на Вардар.

Организатор на манифестацијата и годинава е весникот „Нова Македонија“ која подготви специјални пропусници за сите учесници, нивните придружници, гости, новинарски екипи и други лица. Годинашен кум на манифестацијата во Скопје е 26-годишната Ана Марија Вуковска, која за најсреќниот што ќе го фати крстот има подготвено пригодни подароци како плазма телевизор и икони од осветените места во Ерусалим. Таа најави дека во чест на кумството ќе учествува и во изградбата на црквата „Свети Серафим Саровски“ во близина на Бигорскиот манастир.

Директен пренос од целата церемонија ќе вршат МТВ и Сител, со повеќе подвижни камери поставени на кранови. Екипите на Црвен крст ќе обезбедат три тима за прва помош, спасувачи и чамец со спасувачи во вода. Од Црвениот крст препорачуваат капачите да носат соодветни обувки кои ќе ги заштитат од евентуални повреди, да не конзумираат голема количина на алхокол и да не влегуваат прерано во водите на Вардар со цел да се избегнат хипотермички удари од студ.

Во Охрид манифестацијата ќе започне во 10 часот кај Градското пристаниште, а крстот ќе биде фрлен во водите на езерото околу 10:15 часот. Според најавите, се очекува бројот на оние што ќе скокаат по крстот да биде над илјада, од кои повеќе од 200 верници се  од други градови и држави. Годинашни кумови се охридскиот градоначалник Никола Бакрачевски и охридскиот стопанственик Сашо Симески. На овој значаен настан ќе присуствува и премиерот Никола Груевски.

Богојавление – Водици согласно Законот за празници на Македонија е неработен ден за верниците од православна вероисповед.