Прaвосудниот систем е руиниран од рекетари и политички моќници

Правосудниот систем во Република Македонија е руиниран од рекетари и политички властодржци кои наредуваат како да бидат затворани и решавани судските случаеви, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција, констатирајќи дека министерката за правда, Рената Дескоска, вчера јавно признала дека Вилма Русковска е под контрола на Зоран Заев.

„Дескоска вчера пред граѓаните на гостување во национална телевизија призна дека се правело амнестија на пратеници кои биле обвинети токму од Вилма Русковска, кои неколку часа по ослободувањето гласале за уставни измени и против волјата на граѓаните, а во насока на волјата на Зоран Заев и СДСМ.

Очигледно е дека се монтираат случаеви за да може Зоран Заев да прави што сака во Република Македонија. Режим, диктатура и авторитаризам се мали зборови за ова што го прави СДСМ и Заев.

Како што вели Дескоска на сите ни било јасно дека законот за амнестија бил донесен во време кога чекорите кои се преземале биле преземени во насока на уставните амандмани“, истакна Арсовски.

Според портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Нема поголем срам од тоа да еден министер што треба да спроведува правда сам си признава пред граѓаните јавно дека спроведува неправда. Тој и порача на Дескоска дека не треба да ги чека изборите на 12 април, туку треба уште веднаш да си поднесе оставка, бидејќи ова што го прави не е правда, туку класична неправда. Тој истакна дека срамот на Десковска е срам за целата држава кој од нејзе очекува спроведување на правда, а не личен интерес на Заев, СДСМ и останатите.

„Дали и е јасно на Рената Дескоска дека јавно призна пред целата јавност дека Вилма Русковска работи под диктат на Заев?

Дали ова признание значи дека Русковска, Заев и Дескоска секој еден случај го работат на принцип на уцени, закани и притисоци само за да извлечат лична политичка корист?

Дали на Дескоска и е јасно дека за ова еден ден некој ќе сноси одговорност?

Јасно е кој е принципот на работа на Русковска во случаите кои ги води во изминативе 2-3 години.

Заев наредува, а Русковска и Кацарска исполнуваат и на крај Луј Витон торбите полни со пари никој не знае каде завршуваат.

Истото се случува и во случајот РЕКЕТ.

Користејќи го влијанието кон Русковска, Заев се обиде на секој можен начин да се заштити сам и политичкиот врв на власта и СДСМ.

И беше овозможено на Катица Јанева да брише докази, да губи телефони, да форматира компјутери и за целиот период додека го прави тоа па и откако е отворена истрагата за Рекет да зема пари од Владата на Република Македонија.

Значи, обвинета за дело и зема пари од граѓаните.

Зоран Заев и СДСМ го имаат корумпирано, поткупено, уценето и заробено цел правосуден систем“, истакна Арсовски.

Од СДСМ реагираа на прес-конференцијата на Арсовски потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ повторно покажува дека се плаши од ветинг на судиите и обвинителите, и изнесува лажни обвиненија на сметка на правосудниот систем во земјата.

„Од секој збор на ВМРО-ДПМНЕ на површина излегува стравот дека не успеаја да ги закопаат предметите на СЈО, туку тие и понатаму се во процедура.

Изгледа Мицкоски, кој, како што лажно тврди дека, докторирал во Германија или магистрирал во Италија, не ја разбрал темата за правосудството и продолжува со лагите кои стануваат заштитен знак на ВМРО-ДПМНЕ.

Наместо да шири лаги ВМРО-ДПНМЕ треба да одговори дали е вистина дека сега кога СДСМ најавува ветинг, Мицкоски во паника бара од преставник на меѓународната заедница во земјата, да не дозволи ветинг на судиите и обвинителите?

ВМРО-ДПМНЕ 11 години го газеше поравниот поредок и го уништуваше судството преку партизација, со помош на Михајло Маневски и неговата сопруга Филимена, Вангеловски, Панчевски, Зврлевски… монтираше случаи и пресуди, со кои се пресметуваше со неистомислениците и ги штитеше криминалите на фамилијата. СДСМ е за правна држава во која законите важат за сите“, порачаа од СДСМ.