Празнично во домот на семејството на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Именденот на Христијан е во центарот на прославата на божикните празници во семејството Мицкоски. Неговата сопруга Рози е задолжена за декорирање на домот и за подароците, а мајката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за традиционалните јадења кои секоја година се дел од бадниковата вечера и божикниот ручек.

Во пресрет на најголемиот христијански празник бевме гости на госпоѓа Мицкоска, со која, освен за празничните подготовки и ритуали, разговаравме и за нејзините професионални и семејни обврски, за „новото нормално“ што ни го донесе пандемијата, а се разбира и за тоа каков е приватно лидерот на најголемата опозициска партија…, објавува Вечер.

-Минатата година беше мрачна и стресна, пандемијата однесе многу животи, а и нашето семејство помина низ тежок период. Имавме навистина тешка година. Затоа, во Новата година, би сакала сите заедно да влеземе внимателно, со маски на лицето, но со отворена, чиста љубов во срцата. Ако ништо друго, пандемијата нè научи дека не е важно што има на трпезата туку дали сме сите на број, вели Рози Мицкоска, која без збор го прифати предлогот да ѕирнеме во нивниот дом и на читателите на весникот ВЕЧЕР да им ја пренесеме празничната атмосфера.

– Ова се празнични денови кои го исполнуваат домот со радост и топлина и ни подаруваат сигурност и сила. За Бадник на трпезата ќе ги имаме сите традиционални посни јадења, гравче, сарма, макало, суво овошје, ореви, лешници и печена тиква. Во центар на вниманието е погачата со паричка, која е највозбудливиот момент, бидејќи сите очекуваме да видиме во чие парче ќе се најде, бидејќи, кај нас нема  местенка со паричката. На крајот на вечерата, како што е адетот, трпезата не ја собираме туку ја оставаме да преноќи. За Божик, пак, се готви подварок, печење, салати, кифли… Мојата свекрва е експерт за готвење и месење, така што моја обврска е изгледот на масата и сервирањето, вели нашата домаќинка. Таа додава дека вистинска радост е подготовката за малите коледарчиња, кои со коледарска песна утрото на Бадник, го навестуваат Христовото раѓање. „Во знак на благодарност за убавата вест ги даруваме со бонбони, јаболка, ореви, чоколади, лешници, костени, парички“.

Традиција за семејството Мицкоски е и тоа што на Божик, на именденот на лидерот на опозицијата, утрото се оди на литургија во Соборниот храм и се носи украсена празнична погача на благословување. Минатите години, вечерта, имале и гости, но годинава поради пандемијата ќе се прославува според протокол.

Целиот текст прочитајте го ТУКА.