Прецедник

672

Кампањата почна. Тече. На моменти досадно, веќе видено многупати. Спотови, билборди, бини, автобуси, говори, партиски војници кои прават будали од себе рецитирајќи одвратни хвалоспеви…

Во говорите чудесии. Гафови, глупости, па дури и јавни закани до гласачите, а демек кажани на шега. Има и родови дискриминации, од типот на Македонија не и’ требала мајка, туку татко. Можеби затоа што сирачето црквата си најде мајка… Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР вели: негативни родови стереотипи. А, истите тие кои ги прават овие стереотипи, усти расчепија со Европската унија и нејзините вредности. Или можеби грешно сме сфатиле. Можеби родовите стереотипи всушност се европски вредности, ако глобусот го свртиме наопаку, па Европа ќе дојде каде што сега е Африка.

Нејсе, сидрото не’ влече понатака.

А, сега е ерата на силни социјални мрежи. Се’ се мери се’ се објавува. Нема бегање.

Натпреварувачите во претседателската трка одлично знаат дека функцијата за која се борат нивните кандидати, реално, не може да им донесе на граѓаните она што најмногу ги засега – подобар економски живот, посредена држава, судство, образование, социјала, екологија, вработувања, општини како пристојни места за живеење… Тоа е работа на извршната и на локалната власт.

Овие избори се битка токму за таа власт. Извршната. Одлучувачка и тоа.

Инвестиции нема. Економската состојба ужасна, со разочарувачки бројки. Непотизмот пука на сите страни, и вертикално и хоризонтално. Иселувањето на младите, а богами и на возрасните, е се’ поголемо. Економски егзодус на цели земејства. Сите истражувања не’ сместуваат на дното. Две години сме заглавени. Не мрдаме. Приватни печатени медиуми корумпирани со државни пари, демек субвенции за сузбивање лажни вести. Оние медиуми, пак, кои не се по терк на власта се под постојан притисок. Со инспекции, со полициски истраги под диригентска палка на Обвинителството, со постојани закани, со тужби во кои се бараат ненормално високи суми. Милиони евра од буџетот се раздаваат преку разни фондови за иновации, и други глупости на партиски фирми, на „креативци“ блиски до власта, роднини, пријатели, кумови… се’ иноватори. Иноваторски расадник станавме.

Прогрес и напредок никаков. Не’ излажаа за влез во ЕУ. Ни смислија само нова формулација – „подготвителна фаза за пристапните преговори“. Единствено позитивно е почнатиот процес за влез во НАТО. Ама и таму ребрендирани. Со потпис дека се самоукинуваме како вековна држава и нација и тоа самоиницијативно, но и со дузина други како домашни, така и меѓународни обврски поради тоа што беше потпишано во Преспа, за разлика од другата страна, која пак си го доби ексклузивитетот и на тапка по рамо дека нема поразени. Нивно посвоено дете станавме.

„Мртва трка“ водат двајцата претседателски кандидати, според сите анкети. Третиот заостанува. Четвртата опција е #БојкотПИ, кој рака на срце слабо стои. А, нормално дека е така. Што носи тој, бојкотот. Ништо, само уште поголемо заглавување на државата и повторување на изборите. До оној момент додека не се добие Прецедник. А, во меѓувреме В.Д. ќе си имаме. Собранискиот претседател. Ем, нелегално избран за функцијата, за што потврди и сведочењето на лице од собраниската служба задолжено за пребројување на гласовите, за време на едно од рочиштата за случајот „27 април“. 59 имало „За“ него, не 60, ниту пак 61. Само 59.

Но, во „мртвата трка“ има нешто друго интересно.

Од едната страна, власта е во таа „мртва трка“ заедно со коалициски партнер. Две партии. Плус на власт, со сите државни инструменти в рака. Со администрација од над 132.000, зголемена за дури 3.346 за само една година. Оние помалите во коалицијата не се сметаат. Не вреди ни за избори за куќен совет да ги брои човек. Пијавици за фотељи се тоа.

Од другата страна, опозицијата е сама, со чисто свои гласови. Под политички прогон, со апсења и судења според дневнополитички потреби на власта, со замрзнат имот, со хајки против членството, и дузина други реперкусии и терори. Ама па со гласачко конто колку и владејачката коалиција. Анкетите велат, горе – долу изедначен рејтинг. Двајца на еден, а силите изедначени. Одлична можност за опозицијата. Можност која никако не смее да се пропушти.

Дури и да ги изгуби претседателските избори, голем победник е. Голем. Со големо П. Може слободно потоа да тргне во политичка офанзива, за да издејствува предвремени парламентарни избори. Тоа се тие избори кои, заедно со локалните, најмногу им значат на луѓето. За нивниот секојдневен живот. Подобрен живот. Подостоинствен живот. Живот во кој ќе има правда и правдина. Не лични хирови и фрустрации.

Третиот кандидат, пак, е чисто мерење на политичката сила и отворање на опција за коалицирање за влез во власта. Дали ќе го истурка сегашниот коалициски партнер, или ќе влезе во некоја нова идна коалиција, останува да видиме.

Затоа овие избори се битка за власт, за извршна власт, а која по се’ изгледа ќе се случи во многу блиска иднина. Шанса која опозицијата никако не смее да ја пропушти, ако навистина сака да ни го подобри животот на сите во земјава – Република Македонија.

Автор: Дејан Николовски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.