Пред почетокот на новата сезона во НБА, 48 играчи заразени со коронавирусот

Водството на најсилната кошаркарска НБА лига на светот, објави дека со тестирањата спроведени меѓу 24-ти и 30-ти ноември, 48 кошаркари биле заразени со коронавирусот, што ги загрижи челниците на лигата, имајќи предвид дека новата сезона започнува на 22-ри декември, а првтеи подготвителни натпревари на распоредот се од 11-ти декември.

Процентуално, тоа значи дека 8,8 отсто од кошаркарите во лигата се позитивни на коронавирусот.

Минатата сезона натпреварувањето во НБА беше прекинато на 11-ти март поради пандемијата на коронавирусот. Беше продолжено кон крајот на јули без гледачи во „балонот“ во Орландо на Флорида, а финалето од доигрувањето заврши на 11-ти октомври. Шамиони станаа Лос Анџелес Лејкерс кои во финалната серија со 4-2 ги совладаа Мајами Хитс.

Во новата сезона клубовите во регуларниот дел од натпреварувањето ќе одиграат 72 натпревари, односно десет помалку отколку што е вообичаено. Доигрувањето треба да започне во мај и да завршо на почетокот од јули, односно пред Олимписките игри во Токио, кои се закажани од 23-ти јули до 8-ми август 2021 година.